Македонија
12. April 2017 - 16:19

Грабежот во Тутунска траел цели 5 дена - Осомничениот доби 30 дневен притвор

Кражбата на векот траела цели 5 дена . 40 годишниот Бобан од Скопје вработен во трезорот на централата на Тутунска во периодот од 6  до 10 април успеал да ја олесни банката за над 3 милиони евра. На несреќниот милионер во обид, му е одреден притвор од 30 дена. Истиот беше приведен неколку часа откако директорот на трезорот ја пријавил кражбата.

Осомничениот ја искористил својата работна позиција и додека немало многу колеги во околината тој три пати крадел различни суми без да го забележат. Првата кражба ја извршил на сума од 100 000 швајцарски франци. Од купчето пари во износ од 1 милион ,  кои требале да бидат испратени авионски, извадил едно врзопче со 100 банкноти во апоени од 1000 швајцарски франци. Вториот плен биле 375 000 евра а потоа и 300 000 франци. Соочен со фактот дека е невозможно да ги раздолжи парите кои недостигаат, дента кога е пријавен, украл уште 2 милиони франци и 270 евра.

Осомничениот работел во банката десетина години. Дали имал соработници во или надвор од банката надлежните не откриваат.  Каде потфрлил безбедносниот систем сеуште се истражува. Полицијата  повикала на разговор  одговорни лица и други вработени  во банката.  На случајот работат повеќе инспектори од секторот за економски криминал. Надлежниот јавен  обвинител издал наредба за обезбедување на снимки, банкарска документација и листинзи од телефонската комуникација на осомничениот. Претходно полицијата извршила претрес во домот на осомничениот како и на неколку други локации.  Од МВР не соопштуваат дали се трага и по други осомничени лица. Според Основното Јавно Обвинителство Бобан С. ќе одговара за кривично дело Затајување за што му се заканува затворска казна до 5 години.

Банката има обезбедено средства доколку се соочи со оперативен ризик како што е во овој случај. НЛБ има над 900 вработени и ова е прв ваков инцидент од нивното постоење.