Спорт плус
11. April 2016 - 10:34

ГП Америка: Доминација на Маркез

Возачот на Репсол Хонда, Марк Маркез, забележа победа на трката за Големата награда Америка во кралската класа во Мото ГП шампионатот. Маркез ја забележа третата победа оваа сезона, вкупно 26-та во кралската класа.
 
Маркез,водеше од почетокот до крајот, со исклучок на воведниот круг, во останатите 20 никој не успеа да ја оспори неговата победата. Покрај Шпанецот, место на победничкиот подиум обезбедија актуелниот шампион Хорхе Лоренцо (Јамаха) и Андреа Јаноне (Дукати).
 
Трката која се возеше во Остин не ја заврши Валентино Роси, кој поради сопствена грешка излета од патеката, односно Андреа Довициозо (Дукати) и Дани Педроса (Репсол Хонда).
 
Довициозо, слично како и минатата недела на трката во Аргентина, трката не ја заврши поради туѓа грешка. Имено во Аргентина него од патеката, во последниот свиок, го исфрли клупскиот колега Јаноне, додека во Остин него од трката го елиминираше Педроса. Шпанецот, во еден момент загуби контрола врз својот мотоцикл, а во моментот кога започна да паѓа удри во Дукатито на Довициозо.
 
Одличен резултат во Остин забележа Сузуки, чии возачи Маверик Вињалес и Алеш Еспаргаро завршија на четвртото, односно петтото место.
 
Маркез по победата во Тексас води во генералниот пласман со 66 бодови, втор е Лоренцо со 45, а трет Роси со 33.
 
Мото ГП шампионатот продолжува на 24.април, кога во Херес ќе се вози Гоелмата награда на Шпанија.