Балкан
20. July 2017 - 14:52

Гори Балканот: Пожари во БиХ, Хрватска и Црна Гора

Повеќе десетици шумски пожари денеска беснеат во делови од Босна и Херцеговина, Хрватска и Црна Гора.

Како што соопшти службата за Цивилна заштита на Босна и Херцеговина, во последните 24 часа на територијата на земјата се регистрирани 23 пожари, од кои претежно се зафатени тревни површини и нискостеблеста шума.

Најголемиот пожар беснее на планината Чврсница во западниот дел на БиХ, кој се шири кон блискиот град Јабланица. Во справување со пожарот локалните власти побараа да бидат вклучени и хеликоптери.

Повеќе пожари беснеат и во централните делови на БиХ, како и во реонот на јужниот град Мостар.

Босанските медиуми јавуваат дека за сега е тешко да се одреди обемот на пожарите и предизвиканата материјална штета, поради густиот чад во опожарените реони.

Голем пожар од утрово беснее и на крајниот југ на Хрватска во близина на јадранскиот брег, кој на хрватска територија се проширил од Црна Гора.

Во тек е заедничка акција на хрватските и црногорските противпожарни служби за ставање под контрола на пожарот, во која се вклучени и авиони.

На териториите на Хрватска и Црна Гора во последниве денови беснееја поголем број пожари предизвикани од високите температури и сувото време.

Властите на двете земји предупредија дека во текот на претстојниот викенд се можни нови пожари, во очекување на налетот на нов топол бран и високи температури.