Ракомет
25. September 2015 - 14:55

Гонзалез: ПИК Сегед е незгоден противник

Македонскиот ракометен шампион Вардар ќе пишува нова страница од книгата кон Келн. По успешното гостување во Франција и победата над Монпеље „цревно-црните“ ја пречекуваат екипата на ПИК Сегед, која во 1.коло дома го победи ланскиот учесник на Ф4 Киелце. 
На денешната прес конференција тренерот на „црвено-црните“ Раул Гонзалез истакна:
- Добро е што на првиот натпревар освоивме два бода. За ривал во следното коло го имаме ПИК Сегед кој е добра екипа која постигна победа над Киелце. Тоа е екипа која постојано водеше на тој дуел со 3-4 голови разлика. Сегед игра како екипа и затоа е тешко да се игра против нив. Добро трениравме оваа недела.
Во редовите на Вардар на повреди се жалат Лука Циндриќ и Игор Карачиќ, но Гонзалез очекува и двајцата да бидат подготвени за неделниот натпревар.
Голманот на Вардар, Арпад Штербик со 17 одбрани беше прогласен за голман на првото коло, а за неделниот ривал изјави:
- Очекувам дека ќе играме тежок натпревар. ПИК Сегед е незгоден ривал, кој последните 2-3 години постојано го крева нивото на играта. Лани го елиминираа Рајн Некар Ловен и го победија Кил. Повеќе стравувам од овие дуели откаолку од Барселона.
Натпреварот Вардар – ПИК Сегед се игра во недела со почеток во 17:30 часот во СЦ „Јане Сандански“.