Македонија
13. February 2018 - 11:40

Големата акција за чистење на Скопје продолжува во Карпош

Како дел од краткорочните мерки на Град Скопје за намалување на загадувањето, неделава ќе се чистат зеленилото и јавните површини меѓу зградите, т.н блоковско зеленило во општина Карпош. Акцијата ја изведува ЈП „Паркови и зеленило“.

На вториот ден од оваа акција во Карпош присуствуваа претседателката на Советот на Град Скопје Љубица Јанчева, градоначалникот на општината Стефан Богоев  и директорот на ЈП „Паркови и зеленило Ардијан Муча.  

- Една од причините за загадување на воздухот е отпадот низ парковите. Ова е продолжение на акцијата за чистење која беше спроведена изминатиот месец во Чаир, Бутел и Шуто Оризари, како реони каде што најголем број од домаќинствата се греат на дрва, чие согорување го зголемува количеството на ПМ10 честички во воздухот, изјави Јанчева.

Градоначалникот Богоев информира дека целта е да се исчисти Карпош и подготовка за зелената офанзива која, како што рече, ќе почне на пролет во општината.

Град Скопје преку Секторот за комунални работи и ЈП „Паркови и зеленило“ поради поволните временски услови ја почна и реализацијата на Програмата за подигање и реконструкција на јавното зеленило на подрачјето на град Скопје.

Јанчева информира дека паралелно со чистењето, се работи и на зазеленување на парковите, обновување на тревните површини и реконструкција на системите за наводнување и поставување нови на места каде што никогаш немало поставено прскалки. Се работи во Градски парк на две локации: езерцето кај Стадионот и површината спроти паркингот пред Фонтана и влезот во Градскиот парк, како и тревната површина на кејот на реката Вардар и зелената површина зад МКЦ. Хортикултурно се уредува јавна површина и се подига нова парковска површина на булеварите „Втора македонска бригада“, „Македонско-косовска бригада“, „Христијан Тодоровски - Карпош“ и на улицата „Самоилова“.

Кон крајот на минатата година Град Скопје организираше чистење и беа отстранети над 3.000 метри кубни отпад од парковите и улиците во Скопје.