Свет
15. September 2015 - 9:47

Голем број бегалци од утринава чекаат да ја минат српско-унгарската граница

На граничниот премин „Хоргош 2“ утринава има голем број бегалци, кои од затворањето на границата, половина час по полноќ, чекаат да влезат во Унгарија, јави Танјуг од самото место.

На локалните патишта бегалците и натаму пристигнуваат во групи, а оние кои стигнале ноќеска сместени се во сопствени шатори, кои ноќеска ги отвориле.

Унгарската државна телевизија М1 јавува дека бегалците, кои успеале да ја минат границата меѓу Србија и Унгарија, со воз ќе бидат префрлени кон западната граница на оваа земја.

Танјуг наведе дека утринава во 4 часот на железничката станица во Реске е поставен воз со 16 вагони во кој постојано се качуваат бегалци и чие тргнување се очекува во утринските или претпладневните часови.

Кај преминот Хеѓешхалом вчера во Австрија преминаа околу 13.000 бегалци, додека утринава, следени од полицијата, со воз пристигнаа уште околу 1.500 бегалци, а се очекува доаѓањето на уште еден воз.

Собирниот центар во Реске, како што се наведува, е празен, а го напуштиле и претставниците на хуманитарните организации.

За тоа време, од другата страна на оградата, во Србија, кај Хоргош, расте бројот на бегалци откако во текот на ноќта во сила стапи значително построгиот унгарски закон за државаната граница кој, меѓудругото, предвидува казна затвор до три години за оние кои илегално ќе ја минат границата.

Самата граница е и физички затворена, откако, по изградбата на оградата, беше затворен и последниот премин што бегалците го користеја, а тоа е пругата Суботица - Сегедин, на која вчера во попладневните часови беше поставен вагон со бодликава тел.

Во текот на вчерашниот ден беше соборен уште едне неславен рекорд во Унгарија според бројот на илегални преминувања на границата, регистрирани беа 9.380 илегални преминувања, поднесени 13 пријави за криумчарење луѓе и отворени пет постапки за фалсификување документи