Македонија
16. November 2017 - 15:18

Годишно собрание на Библиотекарското здружение на Македонија

Библиотекарското здружение на Македонија (БЗМ) денеска одржува 44. Годишно собрание на кое учествуваат библиотекари од цела држава. Во рамки на собранието е и  дводневната конференција „Корисникот и библиотеката - минато и иднина“ на која учесниците со стручни и научни трудови отвораат теми за прашања од областа на библиотечната дејност и нејзино унапредување.

Претседателот на БЗМ Благој Николов на отворањето на Годишното собрание рече дека целта е библиотечната дејност да се развива во чекор со актуелните процеси и да се популаризира како благородна дејност во општеството. 

-  Во текот на 68-годишното постоење и активност, здружувајќи ги сите членки - библиотеките во Република Македонија, Библиотекарското здружение има цел да координира одредени активности во развојот на библиотекарството во Македонија, Помага во стручно усовршување на библиотекарскиот кадар, покренува иницијативи за регулирање прашања од оваа област, соработува со меѓународни библиотекарски асоцијации. Преку натпревари и презентации ја популаризира библиотечната дејност кај младите генерации, а со доделување награди и признанија се валоризира трудот на поединци и институции, рече Николов.

БЗМ е формирано во 1949 година како Библиотекарско друштво, а од 2010 година го носи сегашното име. Негови членови се матични, локални и универзитетски библиотеки.

Седиштето на БЗМ е во Националната и универзитетска библиотека „Св. Климент Охридски“-Скопје. В.д. директорката на НУБ Сенка Наумовска поздравувајќи ги учесниците рече дека библиотеките се центри на знаење и информации и порача дека во време на нови технологии тие имаат обврска за поголемо отворање на дејноста кон други инстутуции и кон пошироката јавност. 

- Нашата дејност денес веќе има друга функција. Треба да се ослободиме од клаустрофобичноста и да се отвориме кон нови идеи зашто наш корисник е целата популација, рече Наумовска. 

Националниот координатор на Македонски е-библиотеки (МЕБ) Миодраг Дадасовиќ соопшти дека во базите на податоци на информативните сервиси EBSCO од Република Македонија се достапни 63 електронски списанија и е-книги што, рече, е значаен напредок зашто пред две години биле дваесетина.

На конференцијата „Корисникот и библиотеката - минато и иднина“ што денеска и утре се одржува во НУБ учесниците ќе дискутираат на повеќе теми, како истражувања и нови трендови во библиотеките, современи библиотечно-информациски услуги, потенцијални корисници, библиотечните технологии и навиките на корисниците.