Балкан
25. јуни 2017 - 11:32

Го враќаат фокусот на Западен Балкан, плашејќи се од Русија

Прашањето за влијанието на Русија на Западен Балкан, а посебно во Србија, сериозно ги загрижи Вашингтон и Брисел, па така во ист ден во Стејт департментот сериозно се разгледува позицијата на Рускиот хуманитарен центар во Ниш, а Европскиот парламент во Резолуцијата за Србија укажа на загриженост од заедничките воени вежби на српската и руската војска и го повика Белград на усогласување на надворешната политика со ставовите на ЕУ.

Фактот дека со Рускиот хуманитарен центар САД се занимаваат на највисоко политичко ниво, но и со препораките на Европскиот парламент, се зборува дека во САД се одлучиле фокусот на вниманието да го вратат на овој регион. Од друга страна, Брисел веќе некое време разгледува како економски да помогне на Западен Балкан да го надмине периодот до приклучувањето во ЕУ. Не е тешко да се погоди дека зад тоа стои намерата да се спречи ширењето на руското влијание, на кое би оделе на рака идни тензии во регионот.

На овие случувања во регионот придонесе влезот на Црна Гора во НАТО, нестабилноста во Македонија која се заканува да се прелее на целиот регион, состојбата во БиХ, како и на Косово кое допрва треба да основа нова влада.

Рускиот хуманитарен центар беше една од основните теми на Поткомисијата за европска регионална соработка во американскиот Сенат. Наведено е дека за САД од витално значење е Србија да оди кон ЕУ.

- Ме загрижува т.н. хуманитарен центар, не поради тоа што е сега, туку поради тоа што би можел да стане. Посебно ако Србија го исполни тоа што го бараше Русија: специјален статус и имунитет за рускиот персонал. Не веруваме дека Русија има добри намери да помогне на Балканот да оди кон ЕУ. Важно е и тоа верување го делиме со Владата на Србија, дека Србија има целосна контрола над својата територија и се што е на неа. Ако и дозволи на Русија да основа центар за шпионажа, ќе изгуби контрола на дел од својата територија – рече висок претставник на Стејт департментот задолжен за Европа и Евроазија Хојт Брајан Ји.

Причини за загриженост

Идентичниот став го повтори американскиот амбасадор во Србија Кајл Скот, наведувајќи дека „има добри причини за загриженост” поради Рускиот хуманитарен центар. 
- Не знам точно што прават тие, никогаш не сум го посетил тој центар, но мислам дека има добри причини за загриженост – рече Скот.

На прашањето дали станува збор за шпионски центар, тој рече дека тоа е прашање за Владата на Србија. 
- Тоа е прашање за нив, што мислат дека тие (Русите) всушност работат во тој центар – потенцира американскиот амбасадор.

Се поголем јаз

Наспроти најавите на претседателот на САД Доналд Трамп дека ќе дојде до релаксирање на односите меѓу Србија и Русија, тоа до денес не се случи. Напротив, тие и понатаму се движат во негативен тон, вели за „Блиц” претседателката на Центарот за надворешна политика Александра Јоксимовиќ.

- Во САД постои силна антируска кампања, негативниот тренд е присутен насекаде и следарт што се случува од сите страни и од САД и ЕУ и од Русија, а притисоци има од сите страни – вели Јоксимовиќ. 
Како што истакна, во текот на априлската посета на сенаторот Џон Мекејн на Србија, тој се заблагодари на тогашниот премиер кој денес е претседател на Србија Александар Вучиќ, на тоа што се справува со притисоците од Русија.

- Верувам дека тогаш се разговарало и за Хуманитарниот центар во Ниш и давањето на дипломатски статус на Русите – вели таа.

Јоксимовиќ истакна дека главните „жаришта” на интересите на САД се далеку од Западен Балкан, но и дека се важен играч, што се виде на примерот на кризата во Македонија, која е решена дури по доаѓањето на Хојт Ји во оваа земја.

- Влијанието на Русија и Америка постои насекаде и тоа не е ништо ново ни чудно. Но, на Западен Балкан имаме отсуство на значаен напредок во смисла на подобар живот, од каде се создава простор за други играчи на политичката сцена и поинаква реторија – вели таа.

Како што истакна, верува дека разговорите меѓу Србија и САД ќе бидат зад затворени врати и за Рускиот центар и за други работи, но тоа што се забележува сега е дека сето тоа не ја нарушува позицијата на воена неутралност на Србија.

НАТО наместо ЕУ?

Причината за зголемена загриженост на Америка за подрачјето на Балканот може да биде таа што работите во регионот не одат во тој правец во кој се очекуваше и што евроинтеграциите се одложија во недоглед, смета Среќко Ѓукиќ од Форумот за меѓународни односи. Бидејќи членство нема, вели тој, САД се обидуваат да ги заменат тезите, па го нудат НАТО место ЕУ, а тоа не е примарен интерес на ниту една од овие земји.

- Всушност, не гледам ништо посебно од руското влијание на Балканот. Таму каде можеше да биде, како Јужниот тек, од тоа нема ништо, бидејќи САД го „потопија”, а од друга страна нема ништо од американскиот гас – вели тој.

Како што наведе, можеби некои американски анализи покажале дека руската „мека сила” дава поголем ефект од американската, додека Рускиот хуманитарен центар во Ниш, според неговиот став, е само замена на тезите и мачкање на очи.

- Дури и навистина да е воена база, треба само да се преброи колку Америка ги има во земјите во соседството. Србија е опкружена „со море од земји членки на ЕУ и океан членки на НАТО”, па се прашувам како тој некој руски воен авион ќе слета во таа база во Ниш – вели Ѓукиќ.

Според неговото мислење, основна причина за ваквото однесување на САД е тоа што сака поцврсто да се позиционира на Балканот и тоа поради Русија, Турција, Црно море и Блискиот исток.

Тоа што од Србија може да се бара е и да воведе санкции на Русија. 
- Секако штетата би била на Србија, а тоа никој не би го компензирал – истакнува Ѓукиќ.

Блиц – Белград