Македонија
15. April 2017 - 16:50

Глутница волци напаѓа во селата под Осоговските планини

Над 10 000 евра штета претрпе сточарот Мире Арсов од  виничкото село Црн Камен, откако глутница волци изминативе неколку денови му го десеткуваа стадото крупен добиток. Проблем со волците, вели, имале од секогаш. Не ретко од Осоговските планини глутници се спуштаат во селата, но овој пат решиле да останат и секојдневно да напаѓаат.

Севкупно ми имаат земено 16 грла, од кои во последните 3-4 дена ми однесоа 6 крави-изјави Мире Арсов, сточар од с. Црн Камен, Виничко

Во ловното здружение „Бел Камен“ се запознаени со проблемот на сточарите и информираат дека веќе се преземаат конкретни мерки. Направена е подвижна „чека“ која ќе биде поставена на тој терен, а се планира и хајка.

Во наредниот период, поточно, на 23.04 ќе се организира хајка точно на тој терен каде глутницата прави штета- изјави Лазар Коцев претседател на ЛД „Бел Камен“-Виница

Волците се движат во глутница и мигрираат во подножјето на планините. Пред 6 месеци го напаѓаа добитокот во с. Пресека, Кочанско, каде исто така направија голема материјална штета на тамошните сточари.