Балкан
19. September 2017 - 22:01

Главниот уредник на „Новине Врањске“ започна штрајк со глад

Главниот и одговорен уредник на „Новине Врањске“, Вукашин Обрадовиќ денеска започна штрајк со глад, поради прогласувањето на банкрот и затворањето на овој локален неделен весник.

Во писмо упатено до лидерот на опозициската Демократска партија (ДС), Драган Шутановац, до Партијата на европските социјалисти, до Европскиот парламент, известувачот на ЕП за Србија, Дејвид Мекалистер и до Еврокомисијата, Обрадовиќ наведува дека „Врањске новине“ се затворени „под силен притисок, постојано следење, рекет и организирана кампања од страна на централната и локаланта власт“. 

Поради, затворањето на весникот вечерва пред Владата на Србија ќе биде одржан протестен собир во организиација на Фондацијата „Славко Чурувија“. 

- Овој весник со години ги истражуваше врските помеѓу политичарите, тајкуните и криминалците во Врање и околината. На новинарите безброј пати им се упатувани смртни закани. Причина за затворањето на весникот се постојаните финансиски и политички притисоци со кои тој повеќе не можеше да се справи, се наведува во повикот за протестниот собир.

Случајот со „Новине Врањске“ го прокоментира и српската премиерка Ана Брнабиќ наведувајќи дека државата не може да субвенционира локални медиуми, како и дека повеќе нема сопственички удел во медиумите.

- Имаше голем отпор од локалните самоуправи за приватизација на локалните медиуми, пред се поради финансирањето. Финансирањето на медиумите и одржливото финансирање на медиумите насекаде е проблем, во целиот свет, како и во Европа, изјави Брнабиќ.

„Новине Врањске“ беа затворени вчера, отакако беше прогласен банкрот на медиумот.