Македонија
16. July 2017 - 11:17

Ѓорѓиевски: СЈО води политички мотивирана хајка против ВМРО-ДПМНЕ

СЈО води организирана, политички мотивирана хајка против ВМРО-ДПМНЕ и раководството на партијата, само за да му помогне на Зоран Заев и СДС. Целта е создавање на негативна слика за партијата во очи на претстојните локални избори, во корист на СДС, изјави денеска пред Апелацискиот суд Скопје Орце Ѓорѓиевски.

СЈО, како што посочи, работи во полза на СДС и преку своите монтирани случаи создава материјал за медиумите кои им се под контрола да го оцрнуваат ВМРО-ДПМНЕ.

- Барањата за притвор на СЈО за раководството на ВМРО-ДПМНЕ се алатка за притисок врз Апелацискиот суд за да не ги поништи првостепените одлуки за одземање на патните исправи на истите. Барањата за притвор, како и мерите за претпазливост се целосно неосновани, без ниту еден доказ и апсолутно неаргументирани. Истите се засноваат исклучиво врз политички мотивирана агенда за хајка против ВМРО-ДПМНЕ, рече Ѓорѓиевски.

Додаде дека лицата опфатени во барањата за изрекување на мерки за обезбедување на присуство или мерките за претпазливост се функционери кои уживаат углед во земјата и странство, тие често патуваат, во најголем дел службено, па доколку некој до сега сакал да избега можел тоа да го стори неколкукратно.

- Раководството на ВМРО-ДПМНЕ нема сторено ниту едно кривично дело, токму заради тоа нема зошто да се впушта во бегство. ВМРО-ДПМНЕ верува во правниот систем на Република Македонија, кој донесува одлуки врз база на Уставот и законите, а не врз база на политички монтирани обвиненија кои се срам за правната наука. Судот не смее да делува по ничиј диктат и не треба да подлегне под политички притисок на СДС/СЈО. Судот мора своите одлуки да ги темели исклучиво врз база на докази, истакна Ѓорѓиевски.