Македонија
19. April 2017 - 15:37

Гинекологот од Скопје не негира дека ја лажел пациентка дека е бремена, тоа го правел за нејзино добро

Гинекологот од Скопје не негира дека девет месеци лажел пациентка дека е бремена, но тврди дека го направил тоа за нејзино добро. Гинекологот кој предизвика бурни реакции ја лажел 40-годишната скопјанка која долго се обидувала да забремени, дека ќе роди машко дете.

Плусинфо денеска пишува дека брачниот пар бил пресреќен кога ја слушнал веста дека по толку години ќе добијат дете, и бескрајно му верувале на докторот кој ја водел бременоста.  Лекарот издавал терапија, меѓу која и инјекции „клексан“ за да се спречи згрутчување на крвта. Жената за цело време додека била „бремена“ по малку крварела, а лекарот ја убедувал дека тоа е вообичаено. Тој вршел и мануелни прегледи на матката.

- Во конкретниот случај се работи за неверојатно нечовечка манипулација од посочениот доктор врз двајцата сопружници, во нивната желба да добијат дете, кое подолго време го чекале. За да нема дилеми во јавноста, се работи за двајца исклучително образовани и едуцирани луѓе, кои побарале стручна помош, и одбрале да веруваат дека со помош на овој доктор ќе успеат да добијат потомство. Во овој случај станува збор за изигрување на бескрајната доверба која овие двајца луѓе ја имале во докторот, бидејќи по подолго време ја слушнале веста која толку долго ја чекале, вели адвокатката на оштетените, Ирена Д. Фрчкоска за Плусинфо и додава дека постои феномен во медицината познат како лажна бременост или псеудокиеза, која кај оштетената била постигната под дејство на постојана хормонална терапија.

Жената одела на редовни прегледи, докторот пуштал да слушаат срцева акција на плодот, мерел должина и тежина на плодот, им кажал дека носи машко дете, вербално на секој преглед детално ја објаснувал секоја наводна снимка од плодот, дури правел и скрининзи со писмени извештаи во кои е наведено дека на ехото се гледа плод во различна гестациска недела. Кога било предвидено "трудницата" да се породи, гинекологот го тргнал идниот татко и му ја кажал вистината. Ги убедувал сопружниците дека сето тоа го направил за нејзино добро и за да ги подобри нејзините репродуктивни способности, како и дека после тоа ќе можат да имаат деца по природен пат.

- Докторот се соживеал со својата приказна, па дури во наводниот 9-ти месец вршел и мануелно мерење на грлото на матката и други прегледи кои се прават кај бремени жени кои треба да се породат. Не постои никакво етичко, научно или разумно објаснување од кои причини вака постапил посочениот доктор, но мора да се потенцира дека тоа го правел свесно и самоиницијативно. Последиците кои ги оставил овој случај врз двајцата сопружници се катастрофални, и на психолошки и на емотивен план. Но, она што е најважно е нашата цел да превенираме и да спречиме ваков или сличен настан да се случи на некоја друга жена, бидејќи овој доктор сега работи на ГАК, и е во секојдневен контакт со пациенти, а ова по наши сознанија не е прв пат - додава Фрчкоска за Плусинфо.

Во тек е судски процес против гинекологот, жената има поднесено кривична пријава, а се бара и забрана за вршење на дејноста на лекарот. Брачниот пар, пак, го тужи гинекологот и во граѓанска постапка за претрпена душевна болка и бара отштета.

Од Клиниката велат дека немаат добиено официјален документ дека против гинекологот се води кривично дело и објаснуваат дека во времето кога тој направил работен трансфер од приватната клиника „Свети Лазар“ во ГАК, немале информации дека тој е вмешан во некаков случај.

- Во процесот на негово префрлување од едно работно место на друго, немавме таква информација. Немаме правна алка за која можеме да се „фатиме“ за тој да биде суспендиран од работа, сè додека не биде донесена правосилна пресуда за случајот за кој пишуваат медиумите. Од колегите со кои работи тимски на Клиниката за гинекологија, досега немаме забелешки дека гинекологот работи несовесно - изјавија за Плусинфо од Клиниката за гинекологија и акушерство во Скопје.