Бизнис
28. January 2017 - 18:09

Гевгелија има најмала невработеност

Гевгелија  има најмал број на невработени во државата. Општината минатата година ја завршила  со  стапка на невработеност од 4,59% покажуваат податоците на агенцијата за вработување.  Заклучно со декември 2016  во евиденцијата на гевгелискиот центар за вработување биле регистрирани  околу 970  невработени лица,  активни баратели на работа од кои со место на живеење во општина Гевгелија се евидентирале 670 лица, бројка која оваа општина  ја прави со најниска стапка на невработеност. Од центарот за вработување во Гевгелија велат дека во последните 10 години бројот на невработени се намалил за околу 2600 лица или за над 70%.

-Од направените анализи на агенцијата за вработување и државниот завод за статистика имаме една споредбена табела 2006 – 2016, за овој период од десет години која покажува значително намалување на бројот на невработени. Ако на пример 2006 сме имале 3600, сега моменталната бројка во центар за вработување е 977 што знали дека во проценти е многу и изнесува повеќе од 70%, вели Даница Гавриловска – раководител на центар за вработување Гевгелија

Гевгелија се наоѓа на самиот врв во однос на другите општини од државата кога станува збор и за бројот на вработени лица чиј процент изнесува над 77%. Од  центарот за вработување велат дека ваквите позитивни бројки се должат пред се на големиот број активни мерки за самовработување и владиниот оперативен план за кој подеднаков интерес покажувале и невработените лица, но и работодавачите.