Свет
20. January 2017 - 8:34

Германските власти засега немаат податоци дека партијата „Алетернатива за Германија“ работи противуставно

Германското разузнавање засега  од јавните настапи на припадници на партијата „Алтернатива за Германија“ не открило докази дека кај нив има противуставен дневен ред, соопшти вчера германското Министерство за внатрешни работи, цитирано од ДПА.

„Разузнавачките служби, користејќи јавно достапни информации, продолжуваат да истражуваат дали има јасни индикации дека „Алтернатива за Германија“ има противуставен дневен ред“, изјави портпаролот на министерството.

-Меѓутоа,  се уште не е донесен ваков заклучок за партијата во целина, изјави тој.

Одделни членови на партијата ставени се под набљудување кога јавно демонстрираат посветеност кон екстремистичките идеи и организации или споменуваат такви, додаде портпаролот.

Германскиот вицеканцелар Зигмар Габриел вчера изјави дека „Алтернатива за Германија“ треба да биде ставена под набљудување од органите на државната власт, откако политичарот од оваа партија, Бјорн Хоке,  Меморијалниот центар на Холокаустот во Берлин го нарече „ споменик на срамот“.