Македонија
11. May 2016 - 16:03

Германскиот пратеник за Македонија утре доаѓа во Скопје на средби со партиските лидери и амбасадорите

Специјалниот германски пратеник Јоханес Хајндл утре пристигнува во Македонија.

Шефот на македонската дипломатија потврди дека утре напладне ќе се сретне со германскиот дипломат кој во координација со претставниците на Европската унија и САД ќе посредува во решавањето на кризата.

Пристигнувањето на Хајндл, Поповски го гледа како позитивен сигнал што Германија се вклучува во процесот.

-Има најмалку две работи за кои Германија може да ни помогне. Првата се однесува на зацврстување на кредибилитетот на повеќе повторени ветувања за тоа дека Македонија има иднина во рамки на ЕУ. И мислам дека тоа е сигнал кој треба да го очекуваме од Берлин. И втората работа е сигналот дека постои интерес кај Германија да биде вклучена со што де факто се испраќа и сигнал дека не сме оставени сами на себе во еден долг временски период да имаме неизвесност околу можностите воопшто да се приближуваме кон ЕУ во услови во кои самата ЕУ е соочена со сопствени предизвици.

Според Поповски предизвиците со кои на политички план се соочува Македонија треба да бидат исклучиво надминати со домашни ресурси, а секое одложување на решението ја втурнува државата во се подлабока криза.

-Од една страна предизвиците со кои се соочуваме ние на политички план се исклучително предизвици кои треба да ги надминеме со македонски ресурси, со наши напори и со дијалог помеѓу ние кои одлучуваме во РМ. Од друга страна нашите европски партнери треба да ни помогнат дека кога тоа се случува следи од другата страна пружена рака односно обезбедување на кредибилен процес за пристапување на РМ кон ЕУ и тоа, мислам е фер да го очекуваме.

Амбасадорот Бејли повтори дека дипломатите во Македонија продолжуваат да работат со партиите во наоѓање решение за излез од кризата.

-Заедно со мојот колега од Европската делегација сме во контакт со партиите и работиме со нив на изнаоѓање решение за излез од политичката криза. Нашaте посветеност е силна и продолжуваме да работиме на тоа.

Според најавите германскиот пратеник за Македонија освен што ќе се сретне со Поповски, ќе има одделни средби со лидерите на четирите политички партии кои го потпишаа Пржинскиот договор.