Македонија
25. January 2016 - 17:20

Германската компанија Веридос потврди дека Оливер Спасовски го измислил скандалот со фалсификуваните возачки дозволи

Германската компанија “Веридос“ потврди дека техничкиот министер за внатрешни работи Оливер Спасовски ја измислил аферата за фалсификуваните возачки дозволи.

Во изјава за Курир, директорката за односи со јавноста на “Веридос“, Андреа Ниче, вели дека се работи за техничка грешка за која министерството било известено. Но техничкиот министер го злоупотребил случајот.

- Моментално „Веридос“ испорачува возачки дозволи до МВР. Поради недоразбирање од наша страна, документи нумерирани од претходните години беа испорачани во декември. Тие беа „бланко“, односно неперсонализирани. Бидејќи „Веридос“ има безбедносен систем инсталирано и кај клиентите, каде има врвни безбедносни мерки, грешката беше веднаш воочена по пристигнувањето на бланко документите во Скопје, вели Ниче.

Таа додава дека практично е невозможно оваа погрешна серија да биде злоупотребена, затоа што подоцна персонализацијата  би била спречена од безбедносниот систем.

- Македонското МВР не’ информираше веднаш по откривањето на грешката. Се согласивме тие да ги уништат документите веднаш, а Веридос понуди и помош за тоа. Исто така, Веридос ќе испрати нови, точно нумерирани документи, без трошок за министерството со следната пратка, додава Ниче во одговорот.

На 14 декември Спасовски изјави дека во МВР пронашол 70,000 дупликат лични карти, по што компанијата реагираше дека не се работи за никаков фалсификат туку за погрешна серија.

Вчера порталот Курир објави дека Веридос која е државна германска компанија, размислува да го тужи Спасовски за клевета.

Веридос е една од најреномираните светски компании кои се занимаваат со изработка на лични документи.