Свет
28. April 2017 - 13:58

Германија: Не ги прекинувајте преговорите за пристапувањето на Турција кон ЕУ

Германија денеска инсистираше земјите членки на Европската унија да не ги прекинуваат разговорите за членството на Турција, бидејќи Анкара е клучна за европските интереси. 

Австрија го предводеше повикот да се прекинат преговорите, наведувајќи дека турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган ги прекршил двете основни права на Унијата - владеењето на правото и демократските норми што земјите членки мораат да ги имааат. 

Германскиот министер за надворешни работи Зигмар Габриел изјави дека неговата Влада е „против прекинувањето на преговорите за членство“, бидејќи тоа би било „целосно погрешна реакција“. 

Габриел, на состанокот со министрите за надворешни работи во Валета, нагласи дека НАТО не ја исфрлила Турција дури и за време на воената диктатура. 

На состанокот во Валета треба да се придружи и министерот за надворешни работи на Турција Мевлут Чавушоглу. 

Францускиот министер за надворешни работи Жан-Марк Еро потенцираше дека ќе бара објаснение од Чавушоглу, со надеж дека ќе најде начин да се продолжи напред. 

- Меѓутоа, доколку Ердоган воведе смртна казна, тоа ќе значи крај за секоја надеж за пристапување на Турција кон ЕУ, објасни Еро.