Свет
13. February 2016 - 15:54

Германија мора да штеди за долгорочно да го контролира долгот

Во интерен документ на германската Влада, до кој дошло викенд изданието на весникот „Велт“, се предвидува дека Германија мора веднаш да преземе мерки за значително кратење на државниот буџет за да може на долг рок да ја контролира државната каса.

Како што јави дописникот на МИА од Берлин, една од причините за оваа ситуација е тоа што животниот век на Германците е подолг од кога било досега, а наталитетот е се помал.

Доколку навреме не бидат преземени соодветни мерки нивото на долгот би можел да се искачи на 220 отсто од БДП во наредниве четири децении, сметаат експерти од Кабинетот на германскиот министер за финансии Влофганг Шојбле.

Дозволениот лимит на националните долгови на членките на ЕУ предвиден со Договорот од Мастрихт потпишан во 1992 година е 60 отсто.

Извештајот предупредува дека доколку Владата не реагира веднаш, можни се „сериозни ризици од неодржливот долг“ и негово неверојатно зголемување, што ќе ги огранични можностите за реакција.

Министерот за финансии Шојбле е еден од најпринципиелните политичари во еврозоната, кој постојано ги критикува останатите членки за прекумерен долг, а и во својата држава се држи до принципот на „црна нула“ - финансиска политика без никаков дефицит.

Во зависност од растот на економијата и наталитетот, за да избегне неодржлив долг Германија во најдоброто сценарио ќе треба да крати трошоци во висина и од седум милијарди евра годишно, додека во најцрното сценарио ќе треба да се штедат околу 23 милијарди евра во секоја буџетска година. 

Вкупниот буџет на Германија за 2015 година беше 299,3 милијарди евра, а беше остварен и суфицит во висина од 12 милијарди евра.