Балкан
23. March 2017 - 21:14

Германија е разочарана од иницијативата на Тачи

Амбасадата на Германија во Приштина соопшти денеска дека е разочарана од иницијативата на косовскиот претседател Хашим Тачи за Безбедносните сили на Косово да се трансформираат во војска на Косово, јави телевизијата „Клан Косова“. 

- Разочарани сме што овој предлог не е прво разгледан со косовските партнери во НАТО и со другите релевантни учесници. Загрижени сме бидејќи тој предлог ја загрозува соработката на Косово со НАТО и ја попречува нормализацијата на дијалогот, стои во соопштението, пренесува Танјуг. 

Германската Амбасада оценува, исто така, дека прашањето за трансформација на Безбедносните сили на Косово и понатаму го пренасочува вниманието на јавноста од неопходните реформи за здравственото осигурување и подобрувањето на општествената благосостојба. 

Приштинскиот сајт „Телеграфи“ ја пренесе денеска изјавата на Тачи дека Приштина ќе формира вооружени сили и истовремено ќе го зачува меѓународното партнерство.