Свет
23. March 2016 - 17:29

Германија бара засилување на размената на разузнавачки информации во ЕУ

Членките на ЕУ треба да ги засилат механизмите за размена на разузнавачки информации по нападите во Брисел, побара германскиот министер за внатрешни работи Томас де Мазиер, јави дописникот на МИА од Берлин.

Мазиер смета дека службите за регистрација на мигранти и издавање на визи, полициските и разузнавачките агенции се уште не ги споделуваат соодветно информациите со кои располагаат.

„Најважниот инструмент за превнција е информацијата. Треба да ги разменуваме информациите со кои што располагаме. Правилата за нашите лични податоци се главната пречка за споделување на информациите“, изјави Мазиер за јавната телевизија Це - Де - Еф.

Министерот објави дека и покрај нападите во Брисел, Германија не располага со директни закани за саботниот пријателски фудбалски натпревар меѓу Германија и Англија и тој ќе се одржи.

По нападите во Брисел, Германија ги зајакна мерките за безбедност на аеродромите и сообраќајните јазли како и на своите граници со Белгија, Холандија и Луксембург.