Свет
7. December 2017 - 17:02

Германците се подолго примаат пензија поради продолжениот животен век

 Германските пензионери, поради зголемениот животен век, се подолго примаат пензија, во просек 19,6 години, што е двојно повеќе отколку во почетокот на 60-те години од минатиот век. Тоа го соопшти денеска Германскиот пензиски фонд.

Само во изминатите 20 години просечната должина на времето за кое трае пензионерскиот статус е продолжена за 3,6 години, изјави за ДПА претседателот на германскиот пензиски фонд Александер Гункел.

Тој додава дека главна причина за тоа е зголемениот животен век на германските граѓани.

Просечната старост до која примаат пензија е 79,5 години, при што жените примаат пензија до 81,8 година од староста, а мажите до 77,1.

Во просек најмногу пензија примаат државните службеници, а најмалку лица кои во текот на работниот век често прекинувале работен однос, што во натпросечна мерка ги погодува жените во Германија.