Бизнис
11. December 2017 - 19:44

Газди од Куманово, Валандово и Делчево барале работниците да им вратат дел од минималната плата во кеш

Законот за минимална плата не се почитува, тврдат од невладината „Гласно  текстилец“ и Хелсиншки комитет за човекови права. Во изминатиот период регистрирано е дека во голем дел од фирмите минимална плата не се исплаќа, иако се субвенционирани од државата или доколку се исплати, сопствениците барале од работниците дел од парите да им ги вратат „на рака“.

- Тоа посебно го констатиравме во Валандово, Куманово и во Делчево, каде што во еден случај во Куманово моравме и лично да интервенираме преку инспекторатот за труд, за во тој момент да се прекине притисокот врз работниците-изјави Кристина Ампева, НВО „Гласно Текстилец“-Штип

Враќањето пари е кривично дело кое се казнува со затворска казна.

- Тој што ќе побара од работник да му врати или ќе прими одреден износ од плата или други надоместоци, ќе се казни со затвор од 3 месеци до една година- изјави Симона Живкова, Хелсиншки комитет

По извршен вонреден инспекциски надзор, а по пријава на работници, во неколку конфекции е утврдено, дека не е исплатен регрес за годишен одмор или популарниот К-15, за 2016-та година. Државниот инспекторат ги обврзал да ја исполнат оваа законска обврска, но некои од работодавачите пријавиле финансиски потешкотии при работењето и потпишале спогодба со синдикатот или претставник од вработените за исплата на минимална сума.

- Со оглед на фактот што Законодавецот не утврдил кој е тој помал износ што може да го исплати доколку работи во загуба, работниците добиваат К-15 во висина од 100 денари-додава Живкова

За да се избегнат ваквите манипулации во иднина, потребно е синдикално здружување или самите работници да го изберат претставникот кој ќе потпишува одлуки во нивно име.