Свет
20. February 2017 - 18:02

„Гардијан“: Предупредување до Лондон да не се обидува со „поделби и уцени“ да обезбеди договор со ЕУ

Британското сегашно настојување со „поделби и уцени“ да си обезбеди поволен договор со ЕУ за Брегзит, може да предизивика „катастрофално приземјување“ на Велика Британија, пишува „Гардијан“, повикувајќи се изјави на повекемина европски политичари.

Весникот предупредува дека таквиот приод на официјален Лондон, во сегашната фаза на подготовките пред покренувањето на членот 50, е ризик што може да доведе Велика Британија да остане без договор за слободна трговија.

Гневната реакција на европските политичари доаѓа по престојот на британскиот министер за Брегзит Дејвид Дејвис, во неколку земји- членки на ЕУ од северот на Европа и од Балтикот, за да се обезбедат партнери- поддржувачи на британските барања за решенија во преговорите.

Во Брисел знаат дека Даунинг стрит 10 планира да ги пренасочи своите годишните буџетски средства за помош, само за земјите од Источна Европа за да обезбеди подршка од блокот земји-членки од Истокот.

Овој лондонски весник, забележува дека „големите“ во ЕУ веќе предупредиле оти разговорите нема воопшто да успеат доколку Лондон продолжи со тактиката „раздели, па владеј“

Во европските престолнини се гневни на Британците што не сакаат да разберат оти и ЕУ со 27 членки има свои црвени линии од кои не сака да отстапува и дека тие што остануваат во Унијата, не сакаат да прифатат оти полза од Брегзит треба да има само Британија.

Европски дипломати во британскиот главен град, за „Гардијан“ изјавиле дека официјален Лондон игра на картата- да се земе се што може (од ЕУ) а ништо да не даде за возврат.

Тие предупредуваат дека ситуацијата пред преговорите ја компликуваат и „тврдите“ британски политичари од кампањата за Брегзит кои сега се во владата и медиумите кои и сервираат на домашната јавност дека нема да се прават компромиси со ЕУ и дека ке се добие се што од Брисел ќе се побара.

Некои германски политичари отворено порачуваат дека ако Британија сака да игра нечесно- да ја уценува ЕУ и да се меша во европските редови- од Унијата ќе и се одговори на ист начин- со мешање во Шкотска или Северна Ирска, каде и онака има големо несогласување да се напушти ЕУ- пишува „Гардијан“.