Балкан
25. May 2017 - 20:43

„Галуп“: Распадот на СФРЈ донесе поголема штета, отколку корист

Распадот на Социјалистичка Федеративна Република Југославија (СФРЈ) им донесе на земјите наследнички повеќе штета отколку корист, покажуваат резултатите од најновото истражување на агенцијата „Галуп“, во кое учествувале повеќе од 1.000 испитаници од целиот регион.

Најголема југоносталгија е забележана во Србија и во БиХ.

На прашањето дали распадот на СФРЈ бил од корист или штета за нивната земја, 81 отсто од Србите одговориле дека бил штетен, само четири проценти веруваат дека бил корисен, а осум отсто одговориле дека не знаат.

Слична е ситуацијата и во БиХ, каде само шест отсто сметаат дека крајот на поранешна Југославија бил од корист за земјата, додека 77 проценти сметаат дека бил штетен.

Црна Гора е помалку југоносталгична, каде 15 отсто од анкетираните одговориле дека распадот на СФРЈ бил добар, а 65 проценти веруваат во неговите штетни последици.

Кога станува збор за Македонија, истражувањето покажува дека 12 отсто од испитаниците сметаат дека распадот на СФРЈ бил корисен за нив, додека 61 процент дека не бил.

Од друга страна, во Косово речиси три четвртини од испитаниците (75 отсто) сметаат дека распадот била добра работа, а само 10 проценти оцениле дека е лоша.

Слично расположение има и во Хрватска, каде 55 проценти од граѓаните велат дека распадот бил корисен, а 23 отсто дека е штетен. Во Словенија тој однос е 41, наспроти 45 отсто.

Истражувањето покажало и дека граѓаните имаат различно мислење зависно од возраста. Постарите од 55 години повеќе одговараат негативно за распадот на СФРЈ, од оние кои имаат меѓу 15 и 35 години.