Македонија
26. јуни 2016 - 13:25

ГАК: Бројките за смртност на новороденчиња извадени од контекст

На Гинеколошко-акушерската клиника (ГАК) во Скопје доаѓаат најтешките случаи од оваа област во државата, а единствено тука има Одделение за интензивна неонатална нега и терапија. Бројките за смртност на новороденчиња на ГАК изнесени во јавноста се вадат од контекст. Тренд се прави врз основа на едногодишна, петгодишна или повеќегодишна анализа и податоци, а не врз база на податоци за седум дена, истакнаа денеска на прес-конференција лекари од ГАК.  

- Многу е лошо кога се вадат од контекст одредени бројки. Бројките кога се презентираат треба да бидат експлицитни врз основа на едногодишна или повеќегодишна статистичка обработка. Смртноста на бебињата е намалена на 8,5 во 2015 година, во споредба со 13 отсто во 2013 година, рече д-р Драган Тантуровски, раководител на онколошкото одделение на Клиниката, коментирајќи податоци од новинарски текст објавен вчера. 

На новинарско прашање, д-р Тантуровски рече дека Клиниката и тој ништо не кријат од јавноста и оти не знае врз која основа е правена статистиката.  Увид, како што кажа, се прави врз основа на податоци од една или пет години, тренд не се прави врз основа на седум дена.

Не би можел, реле тој, да коментира за вистинитоста на медицинските документи наведени во текстот, но најави правна разрешница поради изнесување на медицинска документација од болницата.  

- Искрено жалам што се случуваат настани на оваа Клиника кои не се примерни за ниедна институција со вакво реноме односно излегување на официјална медицинска документација која е професионална тајна и затоа Клиниката има правна служба која адекватно ќе одговори, рече д-р Тантуровски.

Примариус д-р Снежана Јанчевска, раководител на Одделението за интензивна неонатална нега и терапија, единствено од ваков тип во земјата, истакна дека во Одделението на секое бебе му се посветува посебно внимание, оти некогаш тоа работи и над своите капацитети. Предупреди дека треба да се биде крајно внимателен кон статистичките обработки. 

- Работиме и со екстремно недоносени деца. Најзастапени се оние кои се под 27-ма односно под 25-та гестациска седмица, дури и 21 гестациска седмица. За жал смртноста се случува во семанаталниот период што значи во првата седмица од животот на детето што е огледало на условите во кои што се наоѓало кога било фетус односно било плод, рече примариус д-р Јанчевска.

Истакна дека лани биле изнесени сите податоци во врска со перинаталната и неонаталната смртност во Македонија во период од пет години со сите детали и обработки на причините.

- За оваа година извештајот ќе го направиме и апсолутно преку релеватните установи ќе и биде достапен на јавноста, рече Јанчевска. 

Лани на ГАК имало околу 5.800 породувања.