Балкан
5. јуни 2017 - 15:09

Габриел: Германија треба да ги премести своите војници од Инџирлик

Германскиот министер за надворешни работи Зигмар Габриел денеска изјави дека поради внатрешни причини, Турција не може да осигура пристап на германски пратеници до военовоздухопловната база Инџирлик на југот од земјата, и при тие услови, Германија ќе треба да ги премести своите војници, јави ДПА.

На заедничка прес-конференција во Анкара со својот турски колега Мевљут Чавушоглу, Габриел истакна дека германскиот Парламент ќе побара од турската Влада друга база за сместување на германските НАТО војници.

Чавушоглу пак, посочи дека германската парламентарна делегација ќе може да посети друга база на НАТО во провинцијата Конија, централна Турција, но навести дека засега не е можно да биде посетена базата Инџирлик, „се додека не се создадат потребните услови за тоа“.

Пред извесно време, Турција им забрани на пратениците од Бундестагот да ги посетат 250-те германски војници кои се наоѓаат во базата Инџирлик. Забраната е воведена делумно како одговор на одлуката на Германија да прифати политички азил на турски воени лица обвинети од Анкара за учество во обидот за преврат во јули 2016 година.