Свет
22. August 2017 - 13:52

Габриел: Европа треба да го поддржи мнозинството Турци со демократско мислење

Германскиот министер за надворешни работи Зигмар Габриел изјави дека Берлин и останатиот дел на Европа треба да го поддржат мнозинството Турци со демократско мислење, кое е различно од претседателот Реџеп Тајип Ердоган.

Неговата изјава е дадена по влошувањето на односите меѓу двете сојузнички во НАТО, посебно откако Ердоган ги повика Турците во Германија да не гласаат на претстојните избори за трите главни партии.

- Повеќе од половина население во земјата е со демократско мислење. Тие не го поддржуваат Ердоган, истакна Габриел.

Неговите забелешки, дадени откако Ердоган му порача „да си го знае местото“ и ги оцени трите главни германски партии како „непријатели на Турција“, веројатно ќе ја налутат Анкара.

Шефот на германската дипломатија нагласи дека нападите на Ердоган против него мотивирале некои луѓе да упатат закани кон неговата сопруга на нејзиното работно место.