Македонија
5. January 2017 - 16:58

Г. Петар: Црквата е смирувачки елемент во општеството

Црквата може и мора да биде смирувачки елемент во општеството и може да влијае врз секоја политичка ситуација без заземање страна, оти народот има доверба во неа, вели во Божикното интервју за МИА г. Петар, митрополит преспанско-пелагониски и администратор австралиско новозеландски.

Според него, во услови на политички недоразбирања потребно е преиспитување на постапките и соочување со грешките.

,,Недоразбирањата меѓу одделни политички партии значат дека секој треба да се преиспита и направи споредба дали се постапува согласно учењето со нашата православна вера и ако ништо друго, да признаете дека правите грешки, што со други зборови значи дека ако некој направил грешки, христијански е да каже дека направил грешка, да посочи и ја поправи за да не ја повтори, а ако се оди од позиција дека се ви е дозволено и газите преку принципите на светоста на црквата, и дека вие и само вие сте во право, а другиот е виновникот, тогаш и мало дете ќе препознае кој е во право’’, оценува владиката Петар.

Во врска со спорот со Српската православна црква СПЦ за кој изминатиот период имаше некои добронамерни чекори од претставници на Руската православна црква, митрополитот Петар вели дека Руската црква кон нас има симпатии и е оптимист дека наметнатиот проблем со СПЦ, ќе се реши.