Македонија
13. September 2017 - 16:18

Функционерите не се откажуваат од „седењето на две столчиња“

По консултација со Зијадин Села и премиерот Заев, министерот за здравство ќе одлучи дали ќе се повлече од функцијата пред да влезе во трката за градоначалничкото место во Гостивар. Ова е официјалниот став на неговиот кабинет на 12 дена пред стартот на изборната кампања.

Сител неофицијално дознава дека сепак, ќе биде прв човек во здравствениот сектор  до денот на изборите и нема да го следи примерот на Висар Ганиу од ДУИ, кој вчера кажа дека повеќе нема да биде заменик министер за образование бидејќи е кандидат за градоначалник во Чаир. 

Доколку гостиварци не му ја дадат довербата, Таравари најави дека ќе и се врати на лекарската професија во Клиниката за неврологија. А освен кандидати од извршната власт, на овие локални избори ќе има и десетина актуелни пратеници кои ќе бараат шанса да станат градоначалници. Но засега ниту еден од нив не планира да се повлече од Собранието пред да почне кампањата. И покрај ставот на политички аналитичари дека не може да се седи на две столчиња, дел од пратениците не ги соопштуваат индивидуалните расмислувања и чекаат официјални партиски ставови по ова прашање. Некои, пак, воопшто и не планираат да се откажат од пратеничкиот мандат додека не завршат изборите.

-Јас ќе бидам градоначалник на Скопје и од позиција на избран градоначалник ќе поднесам оставка на функцијата пратеник, изјави Петре Шилегов, пратеник и кандидат на СДСМ за Скопје.

Освен Шилегов како кандидат на СДСМ за градоначалник на Скопје, од оваа партија официјално на локалните избори  ќе трчаат и Стефан Богоев, Бетијан Китев, Максим Димитриевски, Коста Јаневски и Сашо Поцков за да раководат со општините Карпош, Кавадарци, Куманово, Струмица и Гевгелија. Дафина Стојановска, Горан Манојловски и Зоран Ѓоргиовски од ВМРО-ДПМНЕ се во игра пратеничките позиции да ги заменат со градоначалнички во Гостивар, Тетово и Куманово.

Зијадин Села кој е актуелен пратеник повторно ќе ја бара довербата за нов мандат во Струга а за градоначалници на Тетово и Чаир ќе се борат и И Биљаљ Касами и Зекирија Ибрахими од Беса. Пратеникот на ДПА Бардуљ Даути ќе ја бара довербата во Тетово.