Македонија
19. April 2016 - 16:27

Фронтекс: Македонија ја брани Европа од илегалните мигранти

Граничната служба на Европската Унија де факто потврди дека Македонија е таа што ја чува шенгенската граница.
 
ФРОНТЕКС констатира дека благодарение на Македонија бројот на илегални преминувања на надворешните граници на ЕУ во регионот на Западен Балкан во месец март е намален за дури 90 проценти во споредба со истиот месец лани.
 
Бројот на мигранти што пристигнуваат во Грција е двојно намален во споредба со февруари, што веројатно се должи на информациите за затворање на македонската граница.
 
Од ФРОНТЕКС констатираат дека и благодарение на договорот на ЕУ со Турција за ограничување на мигрантскиот проток, како и операцијата на НАТО во Егејското море, значително е намален бројот на мигрантите кои пристигнуваат на грчките острови, што пак придонесува за зголемено користење на средоземноморската рута преку Италија.
 
И министерот за одбрана Зоран Јолевски во интервју за регионалниот портал Балкан Дифенс истакнува дека Македонија покажала дека има капацитети со кои придонесува за безбедност на НАТО, но и чување на Шенген и европската граница, а и е оневозможено полноправно членство поради грчката блокада.
 
,,Ние покажавме дека сме спремни да ги исполниме тие обврски. Ние придонесуваме кон безбедноста на европскиот континент, придонесуваме кон справувањето со мигрантскиот проблем, но не можеме да ги уживаме предностите од евро-атлантските структури. НАТО и ЕУ даваат голема поддршка за Македонија, но ние заслужуваме да станеме целосни членови во овие организации‘‘, потенцира Јолевски.
 
 Според Јолевски покана за членство на Македонија во Алијансата ќе придонесе кон стабилноста не само на земјава, туку и на регионот како и на цела Европа.