Македонија
19. January 2017 - 14:40

Фрлени дополнителни 120 тони сол на сообраќајниците во Скопје

Екипите на зимската служба на Град Скопје во текот на изминатата ноќ до утрово фрлиле 155 тони, додека од утрово до сега се фрлени дополнителни 120 тони сол на булеварите и градските улици.

Како што информира Град Скопје, сите булевари и улици кои се во негова надлежност се исчистени и проодни, а зимската служба со луѓе и механизација го чисти снегот и од тротоарите и јавните површини. 
    
Во расчистувањето на тротоарите и јавните површини ангажирани се повеќе од 100 работници и механизација од ЈП „Комунална хигиена“, работници и механизација од ЈП „Паркови и зеленило“, како и работници од ЈП „Водовод и канализација“ кои работат на чистење на сливниците.

Градот Скопје им препорачува на возачите да возат внимателно и да се придржуваат на условите на коловозите и апелираат граѓаните, куќните совети и сопствениците на деловните објекти да се придржуваат до законската обврска за чистење на снегот од приодите до нивните објекти.