Македонија
21. January 2017 - 12:27

Фрлени 60 тони сол на градските улици и булевари

Екипите на зимската служба на Град Скопје во текот на изминатата ноќ, до 7 часот изутрината фрлиле 60 тони сол на градските булевари и улици, особено на критичните места.
 
Како што соопштија од Град Скопје, екипите на зимската служба се на терен и го расчистуваат снегот и мразот од улиците и тротоарите.
 
Возилата со ринење интервенирале низ градските сообраќајници и на критичните точки односно на сите мостови, клучки, надвозници, подвозници и високите зони кон Водно, Пржино, Железара, како и на сите други таканаречени „црни точки“ во градот.
 
Од Градот Скопје истакнуваат и дека зимската служба будно ја следи состојбата на терен и оти ќе интервенира според потребите.
 
- Градот Скопје им препорачува на возачите да возат внимателно и да се придржуваат на условите на коловозите. Потсетуваме дека во надлежност на Град Скопје се булеварите и одредени градски улици, а преостанатите улици се во надлежност на општините и тие се задолжени за нивно чистење и одржување, се вели во соопштението.
 
Оттаму апелираат до граѓаните, куќните совети и сопствениците на деловните објекти да се придржуваат до законската обврска за чистење на снегот од приодите до нивните објекти.
 
JП „Комунала хигиена“, пак, апелира општините да ја реализираат нивната обврска за чистење на улиците кои се во надлежност на општините и апелира за поголема ажурност во оваа област, со цел непрекинато собирање на комуналниот смет.