Свет
27. January 2016 - 10:56

„Фридм хаус“: 2,6 милијади лица во светот живеат во земји, зафатени од репресии и корупција

Над една третина од населението во светот или 2,6 милијарди лица живеат во земји и на територии, опфатени од репресии, корупција и нарушувања на човековите права, а состојбата е најтешка во Сирија, Тибет и Сомалија, се наведува во годишниот извештај за состојбата на слободата во светот на организацијата „Фридм хаус“, со седиште во Вашингтон.

Во документот се наведува дека минатата година била одбележана со масовна миграција, ксенофобија и терористички напади и станала десеттата година по ред, во која е забележано влошување на ситуацијата со слободата на глобален план.

Во светот 86 држави и територии се слободни, се наведува во документот, во кој се дава оценка како за политичките, така и за граѓанските слободи.

Педесет држави се определи како неслободни, а 59 земји како делумно слободни.

Оценката се прави според индекс, при што максималниот е 100 и тоа значи дека државата е целосно слободна, а таква е Финска. Освен таа генерална оценка има и оценки за состојбата на политичките права и граѓанските слободи. Тие оценки се од еден од седум, при што еден значи најголема слобода на двата показатели, а седум е недостиг на слободата на двата показатели. Финска има оценка еден и за двата показатели.

Повеќето од земјите, кои се определени како неслободни се од Блискиот Исток и Северна Африка, каде 85 отсто од населението живее во услови на репресии.

САД се определени како слободна земја, но се посочува дека таму е забележано „зголемување на влијанието на улогата на приватните пари во предизборните кампањи“, расната дискриминација, проблемите при функционирањето на судскиот систем и се додава дека администрацијата на претседателот Барак Обама не успеала да го исполни ветувањето за транспарентно владеење. 

Слободата е намалена во 72 земји во 2015 година, што е најголема бројка изминатите десет години. Во 43 земји е забележан спротивен тренд, односно зголемување на слободата. 

Демократските земји бележат влошување на состојбата поради терористичките напади и големиот број бегалци, проблеми кои произлегоа од регионалните конфликти како сириската граѓанска војна, се вели во извештајот. 

Минатата година е постигнат напредок во однос на прашањето за слободите за жените во светот – жените во Саудиска Арабија добија право на глас, а во Јужна Кореја е декриминализирано неверството.

Освен Сирија, Тибет и Сомалија, со најлоша оценка во извештајот се и Северна Кореја, Узбекистан, Еритреја, Туркменистан, ЦАР, Екваторијална Гвинеја и Саудиска Арабија.

Во извештајот се вели д ека лидери од неколку држави во 2015 година презеле акции за продолжување на своите мандати – Бурунди, Боливија, Еквадор, Руанда, ДР Конго и Република Конго.

Бразил, Чиле и Мексико се посочени како држави во кои репутацијата на лидерите е ослабена поради корупциски скандали или неспособност да се справат со криминал.

Во документот се вели дека во Тајланд, Египет и Јужен Судан лани имало „драматично враќање назад“ во однос на слободата.

Мал е напредокот кон демократски реформи на Куба и покрај обновата на дипломатските односи со САД.

За Кина се вели дека режимот на Комунистичката партија на Кина го зајакнал следењето на активистите за заштита на човекови права, на новинари и активисти за заштита на права на малцинствата и правата на жените.

За Русија се вели дека претседателот Путин задржал политика на репресии во државата и тоа врз активисти како и на независни новинари.

Во Европа миграциската криза постави ги ставила под невиден притисок фундаменталните принципи на ЕУ за слобода, солидарноста и почитување на човековите права. Се поголемиот популизам во регионот ја стави под сомнеж способноста на Унијата да поддржи високи демократски стандарди како меѓу членките така и меѓу кандидатите за членство.

Во извештајот се посочуваат неколку држави во кои во 2016 година треба да се следат настаните поради можни евентуални проблеми со слободите, Ангола, Босна и Херцеговина, ДР Конго, Иран, Мјанмар, Малезија, Нигерија, Полска и Венецуела.