Свет
20. July 2017 - 14:05

Францускиот печат го критикува „понижувањето“ на генералот де Вилие

Добар дел од денешните изданија на француски печат го критикуваат понижувањето на генералот де Вилие, кој поднесе оставка од функцијата шеф на генерал-штабот на француската армија, и „кризата на авторитет“ која ја предизвика неговата оставка, во моментот кога француската армија се соочува со тешки буџетски штедења, јавува дописникот на МИА од Париз.

Без изненадување, оставката на генеарлот Пјер де Вилие, кој беше веднаш заменет со генералот Франсоа Лекуантр, се најде на насловните страници на денешните изданија на францускиот дневен печат. Печатот во таа прилика, пишува дека оваа криза на врвот од државата меѓу цивилната и воената власт не е видена од 1961 година.

„Либерасион“ објавува на целата насловна страница фотографија од Емануел Макрон со насловот „Аѓутантот на Републиката“ (тие што имаат служено војска во Франција знаат дека тоа не е комплимент). Весникот наведува дека оваа „мала криза на авторитет, можеби е само епизода, но тие кризи го одбележуваат мандатот во главите на луѓето, еден вид оригинален грев, како Саркози во Фукетс или аферата Леонарда (младата ромка протерана на Косово) за Оланд.“

„Прекумерна тишина во стројот(…) не е е добар предзнак. Тој е можеби знак на власта која му удри во главата. Или уште полошо, таа на еден претседател кој не е способен да прифати ниту една најмала критика.“ Претседател на Републиката од пред три месеци, а не на „чело на мала група на командоси“, време е за него да порасти малку“ – пишува „Либерасион“.

Критиките се остри и во конзервативниот „Фигаро“, кој смета дека Емануел Макрон „самиот си истрела еден рафал во ногата. Начинот на кој претседател го исправи генералот е неверојатен. (…) Генералот де Вилие не излезе од неговата обврска на воздржаност, тој само имаш е обврска да изрази воздржаност. Се досега претседателот импресионираше со неговата точност на зборовите, со актите. И наеднаш, Јупитер се најде во канцеларијата. Претседател кој се однесува како мал шеф.“

Понатаму „Фигаро“ подвлекува дека „пред неколку години можеше слободно и неказниво да се земе армијата како цел. Но времињата се променија. Французите знаат на кого му ја должат слободата и заштитата на нивните деца. Весникот близок до десницата со голема наслада иронизира за способноста на Макрон да ги руши ѕидовите меѓу десницата и левицата: „Од крајната десница до крајната левица, сите се едногласни да го бранат генералот.“ Понатаму весникот на уште посериозен начин заклучува дека „претседателот дава впечаток дека ја направи првата политичка грешка.„Јупитер брутално се враќа меѓу луѓето“.

За „Паризиен“, „Макрон посеа бура“ и весникот ги подвлекува буџетските проблеми на оваа афера. Војската ќе мора да ги стегне забите и за една иле две дупки опасачите.

Во статијата „25 години на буџетско штедење“, и последиците за француската армија, денес 30.000 војници се ангажирани во операции со дотраен материјал и со намалени ефективи, војниците се прекрасни, но материјалот е очаен, пишува весникот. Со штедењето, сега 25 години подоцна се станува ургентно за заменување со нов материјал.

Во најголемиот француски дневен регионален весник „Уест Франс“, се зборува за прва голема грешка на претседателот. Весникот укажува на противречностите меѓу буџетското штедење и намерите на претседателот за зголемување на буџетот на армијата, со што воената хиерархија добива впечато, дека Емануел Макрон е почуствителен кон буетските штедења, отколку на борбата со тероризмот.

Во денешниот печат, рето можат да се најдат умерени ставови или во полза на одлуката на претседателот на Франција. Само католичкиот весник „Ла Кроа“, смета дека одговорноста е и кај претседателот и кај генералот поради нивната „несмасност“. Но за овај весник да се заштедат 4,5 милијарди евра, за да се достигне дефицит од 3 отсто, не е опција. Тоа е обврска за да се добие кредитот од Европа, заклучувајќи „Во мај Французите ја избраа Европа, и потребно е сега да се прифати цената за да се извлече корист“.