Свет
10. December 2016 - 19:06

Француската Влада предлага продолжување на вонредната состојба заради изборите на пролет

Француската Влада ќе му предложи на Парламентот вонредната состојба во земјата да се продолжи до 15 јули 2017 година заради претседателските и парламентарните избори идната пролет, изјави премиерот Бернар Казнов, цитиран од британските медиуми.

Социјалистичката Влада ја воведе вонредната состојба во ноември 2015 година, по крвавите терористички напади во Париз.

Долниот дом на Парламентот или Националното собрание, предлогот на владата ќе го разгледа во вторник, а Сенатот во четврток.

Вонредната состојба, што сега е со важност до средината на јануари, досега беше продолжувана четири пати, бидејќи владата смета дека опасноста од исламистички вооружени напади е се уште многу голема.

Претседателските избори ќе бидат организирани на крајот на април и на почетокот на мај, а парламентарните избори се закажани за јуни.

Бернар Казнов изјави дека од почетокот на годината во Франција биле спречени 17 напади, пренесоа американските медиуми.

По вонредната седница на француската Влада, премиерот Казнов изјави дека продолжувањето на вонредната состојба за уште седум месеци е апсолутно неопходно, за да може земјата да го добие највисокото можно ниво на заштита во контекст на претседателските избори во следната година.

Изборниот период со мноштво политички митинзи и средби може да го зголеми ризикот од напади од „оние кои сакаат да удрат директно во срцето на нашите демократски вредности и републикански принципи“.