Македонија
23. January 2017 - 15:52

Фото натпревар за развој на граѓанското еколошко новинарство

Центарот за еколошка демократија „Флорозон“ од Скопје организира фото натпревар со награден фонд од 1.200 евра за поттикнување на граѓанското еколошко новинарство.

Фото натпреварот има за цел да се поттикнат граѓаните да ги раскажат своите приказни за проблемите со кои што се соочуваат, или можеби за позитивните искуства од решенијата за проблемите од областа на животната средина.

Граѓаните своите фотографии со кратка приказна за нивната содржина ќе можат да ги постават на информативниот портал за животна средина „Екологист.мк“. Фотографиите во зависност од тоа дали станува збор за добри и за лоши пракси во врска со заштитата и унапредувањето на животната средина ќе се објавуваат во две категории, и тоа „Ѕид на срамот“ и „Хала на славните“.

Наградниот фонд од 1.200 евра е поделен на шест еднакви износи од по 200 евра и ќе се изберат по три фотографии од двете категории.  Критериумот за избор е бројот на добиени „лајкови“ на социјалните мрежи.

Натпреварот, како што информираат од „Флорозон“ е дел од проектот „Развој на еколошкото истражувачко новинарство“ и е финансиски поддржан од Европската унија.