Македонија
13. September 2017 - 15:38

Форум во Делчево: Начини за полесно добивање средства од ИПА-програмата за прекугарнична соработка

Граѓански организации и општини од Источно-планскиот регион и од регионот на Благоевград и Ќустендил од соседна Бугарија денеска на Форум во Делчево дебатираа и бараа решение како полесно да стигнат до парите од ИПА-програмата за прекугранична соработка.

Форумот е во организација на НВО „КХАМ“ од Делчево и е дел од Неделата на граѓански организации поддржана од Проектот за граѓанско учество (ПГУ) на УСАИД.

Зекир Абдулов, извршен директор на НВО КХАМ, истакна дека ова е прв ваков Форум кој има цел да се создаат поголеми можности за соработка меѓу граѓанскиот сектор и општините од двете страни од Источна Македонија и Западна Бугарија.

- Во исто време, Форумот е добра можност за промовирање на имиџот на организациите, презентација на нивната работа, активности и достигнувања, како и можностите што ги нудат ЕУ- проектите за остварување на соработка на НВО од двете страни на границата.

Целта е да ја подобрат соработката и во таа соработка да влезат општините Ипа фондовите од Ипа 2, бидејќи најголем дел од тие фондови се неискористени, во проценти 63 отсто се искористуваат, а другите остануваат неискористени од најразлични причини Вмрежувањето е една од придобивките за заедно да се пристапи кон тие фондови и да имаме што поголема апсорбција и искористеност, рече Абдулов.

На Форумот присуствуваше и министерот без ресот Самка Ибраимовски, кој ги сподели проектите и плановите на неговиот сектор како можност кои отвораат соработка со граѓанските организации.

- Ние низ цела Македонија сакаме да добиеме изворни информации за состојбата со Ромите и како ресор сме отворени за сите идеи за соработка. Во оваа прилика сакам да истакнам дека нашиот приоритет наредната година ќе биде областа домување со што очекуваме да се реши најгорливото прашање за Ромите, но тука е и отворање на група за ромски јазик на педагошките факултети, како и соодветно тело за поддршка на ромската култура, рече Ибраимовски.

Граѓанските организации тешко стигнуваат до средствата од ИПА- Програмата, најмногу на ова влијае слабиот капацитет на организациите, но и неможноста да се обезбедат средствата за учество во големите проекти, истакнаа претставниците од НВО сектор.

- Нема проблем со доаѓањето до финансиски средства доколку организацијата има квалитетна идеја. Не се толку тешки апликативните материјали, но НВО имаат сериозен проблем во обезбедување на финансиските средства, односно со партиципативното учество во проектот, кое изнесува 10-20 отсто од вкупната вредност на грантот, рече Убавка Јаневска од Фондацијата „Фокус“ од Велес.

Таа истакна дека НВО сектор ќе бара од Владата поддршка исто онаква каква што се дава и на општините за реализација на проектите од ИПА- програмата.

- Очекувам дека овој состав на Владата ќе посвети внимание на овој проблем, бидјеќи НВО се тие кои се блиску до граѓаните и ги знаат нивните проблеми и можат преку овие грантовски линии да решат одредени акутни проблеми во една средина и според мене, ќе бидат исто третирани како општините, истакна Јаневска.

На Форумот се истакна и дека парите предвидени со ИПА програмата за периодот 2014-2020 кои се ставени на располагање на РМ се со износ од 644 милиони, од кои 445 милиони се веќе програмирани, а се одобрени 395 милиони евра. Во Македонија над 40 милиони евра се веќе изгубени и во фазата на самото програмирање, а останува ризикот и за нецелосна реализација и на она што е веќе испрограмирано, се потенцираше на форумот.