Македонија
25. October 2016 - 10:32

Форбс: Како Македонија ја надмина мигрантската криза и привлече американски фабрики

Американското списание Форбс објави интервју со претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Никола Груевски во кое најавува дека неговата партија ќе победи на изборите на 11 декември, и дека земјата со тоа излегува од периодот на политичка неизвесност. Според ова водечко американско списание од областа на економијата, Македонија успеала успешно да ја преброди и мигрантската криза и притоа да привлече поголем број инвеститори од САД и од други земји, и да ја намали стапката на невработеност.

- Следат избори во декември. Точно е, ние поминавме низ тешка криза, која се уште не е целосно завршена. Но, во ниту еден момент не престанавме да работиме со бизнис заедницата. Нашата економија продолжи да расте. Не го нарушивме кредитниот рејтинг. Убедивме неколку нови компании да инвестираат во Македонија. Нема да биде совршено, но мислам дека земјата сега оди во подобра насока. Да видиме што ќе кажат гласачите, вели Груевски во интервјуто за Форбс.

Списанието ја претставува македонската даночна политика како клучен фактор кој придонел да се развијат слободните индустриски зони, да се привлечат компании од автомобилската индустрија и со тоа да се смени структурата на македонскиот извоз кон производи со повисока вредност. Груевски, кој неодамна беше во посета на Вашингтон и Њујорк, за Форбс вели дека и во екот на политичката криза Македонија не престанала да работи на привлекување на странски инвестиции, при што нови фабрики се отворале и во време на кризата. Очекувањата се дека во 2016 година извозот од слободните индустриски зони ќе надмине две милијарди евра.

- Во 2015 година од слободните економски зони имавме извоз од околу една и пол милијарда евра, што претставува 36 проценти од нашиот вкупен извоз. Поради тоа, овие зони се многу важни за нас и направија Македонија да биде атрактивна извозна дестинација. Последните податоци од јануари до септември покажуваат раст на извозот за 19,2 проценти во споредба со истиот период минатата година. Американските корпоративни инвестиции доаѓаат главно од автомобилската индустрија. Џонсон Контролс отвори две фабрики во Македонија во 2015 година, за време на кризата. Кемет Електроникс од Јужна Каролина исто така е активен во Македонија и отвори фабрика во Скопје. Ки Сејфти Системс, компанија од Мичиген која произведува воздушни перничиња, почна да работи во технолошката индустриска зона во Кичево. Амфенол е компанија во Масачусетс која веќе има две браунфилд постројки и работи на нова гринфилд инвестиција, вели Груевски.

Форбс го прашува Груевски и за економската соработка на Македонија со Русија и Кина. - Македонија е мала држава и мораме да бидеме отворени за инвестиции од сите кои се подготвени да работат со нас. Од американските корпорациски инвеститори, во моментов главно доаѓаат автомобилските компании. Кина има фонд за инвестиции во средна и источна Европа и досега видовме како тие инвестиции одат во изградба на автопати. Што се однесува до Русија, ние им извезуваме земјоделски производи и генерички лекарства. Се разбира, увезуваме руска нафта и природен гас, вели Груевски.

На прашањето за мигрантската криза, Груевски вели дека од летото 2014 досега низ Македонија минале повеќе од еден милион лица, што е висока бројка за држава со два милиона жители. Груевски вели дека Македонија имала значителни трошоци поврзани со кризата, а притоа не добила посериозна помош од надвор. Според Груевски, рано е да се каже дали кризата е целосно надмината, дури и по затворањето на балканската рута.