Македонија
18. September 2017 - 10:36

Филмот „Џган“ добитник на главната награда на фестивал во Италија

Филмот „Џган“ на режисерот и сценарист Вардан Торзија ја освои главната награда „Златен светилник 2017“ на Филмскиот фестивал во Отранто, Италија. 

- Во своето прво дело, режисерот со суптилна мерка и силни емоции раскажува приказна за страдање и одмазда, преку падот на еден бунтовен ангел на дното на целата негова генерација. Тежок, болен, полн со модринки, насилен, но и моќен филм, каде што светлината продира само низ еден тесен пресек на спиралата. Но, таа спирала е таа која може да ја помине иднината, се вели во изјавата на стручното жири на Фестивалот.

Главните улоги ги толкуваат Мартин Ѓоргоски, Дениз Абдула и Никола Ристановски. Од останатата актерска екипа играат Сара Климоска, Љупчо Тодоровски, Адем Карага, Горан Стојановски, Игор Стојчевски, Борис Дамовски, Марија Кондовска, Ристо Буразденов, Мартин Живковски и други.

Шминката и маските се на Горан Игњатовски, костимограф е Жаклина Крстевска, дизајнер на звук Игор Поповски, а музиката ја работеше Александар Пејовски. Сценографијата е дело на Кирил Спасески и Наташа Димитриевска, директор на фотографија е Владимир Самоиловски, монтажер Атанас Ѓеоргиев, а кастингот го работеше Кирјана Николовска. Продуцент на филмот е Огнен Антов.

Македонски продуцент на филмот е Дрим Фектори, ко-продуцент е Red helicopter films од Албанија. Филмот е финансиски поддржан и од Агенцијата за филм на Република Македонија и SEE Cinema network.

Покрај наградата во Италија, филмот „Џган“ ја освои и FIPRESCI наградата на жирито на годинашниот ПРИФЕСТ во Приштина и главната награда на филмскиот фестивал во Китзбил, Австрија.