Свет
23. October 2017 - 10:18

Филипинската армија ги победи исламистите во битката за Марави

Филипинската армија денеска соопшти дека петмесечната офанзива против исламистичките групи кои го држеа јужниот град Марави е завршена. Според армиското соопштение, војниците ги совладале последните упоришта на исламистите во центарот на градот со 200.000 жители, откако исламистичките команданти одбија да се предадат.

- Со уништувањето на овој, досега најсериозен обид да се рашири насилниот екстремизам и радикализам на Филипините и во регионот, ние придонесовме кон спречувањето на неговото ширење низ Азија, изјави министерот за одбрана Делфин Лорензана.

Телата на 40-ина исламисти и две жени беа најдени во две згради и џамијата во Марави кои беа послендото упориште на групата. Филипинската армија користеше артилерија и автоматско оружје во нападот. Вкупно 920 исламисти, 165 војници и најмалку 45 цивили беа убиени во судирите кои траеа 154 дена, и честопати се претвораа во крвави борби од куќа до куќа низ градот Марави. Над 300.000 жители на Марави и околните населени места се згрижени како бегалци. Според филипинските власти, групата исламисти била поврзана со Исламската Држава и планирала да го претвори целиот остров Минданао во база за идни дејствувања низ југоистична Азија, за што собрала огромно количество оружје и муниција.