Свет
4. December 2016 - 15:47

Фидел Кастро погребан на приватна церемонија

Посмртните останки на кубанскиот лидер Фидел Кастро беа положени денеска на приватна церемонија на гробишта во Сантјаго де Куба, колевка на револуцијата чиј предводник беше тој.

Погребот е одржан откако кубанските официјални лица во последен момент се откажаа од плановите церемонијата да се пренесува во живо на телевизија.

На новинари од меѓународни медиуми им беше забрането присуство на погребот.

Претседателот на Куба, Раул Кастро синоќа предводеше масовен завршен собир во чест на својот брат на Плоштадот на Реолуцијата во Сантјаго нагласувајќи дека ќе го брани социјализмот и братството во државата.

Тој најави и дека кубанските власти ќе усвојат закон по барање на Фидел со кој ќе биде забрането улици да се нарекуваат по неговото име и во негова чест да се подигнуваат споменици, бисти и статуи. Фидел Кастро почина на 25 ноември на 90-годишна возраст.