Свет
20. April 2017 - 19:54

Фејсбук, Твитер и НВО секторот против германскиот закон за говор на омраза

Меѓународната група на граѓански здруженија за човекови права „Иницијатива за глобална мрежа“ (ГНИ), во соработка со социјалните мрежи Фејсбук и Твитер, денеска  се спротивстави на предлог законот со кој социјалните мрежи ќе треба да платат огромни парични казни доколку навреме не ги избришат постовите со кои се клеветат и навредуваат граѓани и се шири говор на омраза. 

Според писмената изјава доставена до медиумите и до владата, коалицијата  се противи на законот што, според неа, ќе „донесе огромни последици за слободата на говорот во Германија, во ЕУ и низ целиот свет“, јави дописникот на МИА од Берлин.
 
Законот, што е одобрен од Владата во Берлин и треба да се гласа во сојузниот Парламент пред изборите во септември, предвидува казни од 50 милиони евра за социјалните мрежи што нема да превенираат говор на омраза и до пет милиони евра за менаџерите на социјалните мрежи.
 
Со законот Владата планира во рок од 24 часа од интернет да бидат избришани сите клевети, навреди и друг вид вербален криминал.
 
Предходниот обид со договор меѓу Владата и социјалните мрежи да се спречи вербален криминал на интернет пропадна откако Фејсбук на барање на Берлин успеа да избрише само  39 отсто, а Твитер само еден процент од случаите на говор на омраза.
 
Коалицијата ГНИ е составена од преставници на бизнис секторот, цивилното општество, како и социјалните мрежи, пребарувачи и интернет платформи како Фесјбук, Твитер, Гугл, Микросфот и Јаху. Од организациите за човекови права во коалицијата членуваат организациите Хјуман Рајтс Воч, Центарот за Демократија и технологија и Комитетот за заштита на новинарите.
 
„Компаниите што се соочуваат со мултимилионски казни ќе мора да воведат цензура на интернет и да ја ограничат употребата на секоја соддржина што може да биде сметана за контроверзна“, во писмена изјава наведува Марк Стефенс, британски адвокат, кој претседава со извршниот борд на ГНИ. 
 
Според ГНИ предлог законот ќе го уништи балансот меѓу основните права и слободи и другите законски заштитени права на приватните компании.