Македонија
6. March 2017 - 19:34

Федерика Могерини: Грција и Унгарија покренале иницијатива пред советот на министри - да се осуди албанската платформа од Тирана

Министрите за надворешни работи на земјите-членки на Европската унија, попладнево во Брисел ја разгледуваат состојбата во Република Македонија и другите земји од Западниот Балкан и ќе донесат заклучоци кои потоа шефовите на државите и владите на ЕУ-земјите ќе ги усвојата на Самитот на Европскиот совет во четврток.
Високата претставничка за надворешна и безбедносна политика на Унијата, Федерика Могерини, се очекува да ги брифира шефовите на дипломатиите на земјите од ЕУ за состојбата на Западниот Балкан по нејзината посета на државите во регионот минатата недела.
 
 - Денеска ќе ги известам министрите за надворешни работи на земјите-членки на Униајта, а подоцна неделава и премиерите, за состојбата на Балканот која е тензична и изложена на предизвици, како внатрешно, така и регионално, па и глобално. Но, тоа е регион кој самито има капацитет и сила да реагира на тоа, под услов кредибилитетот на евро-интеграцискиот процес да биде присутен. Тоа е нашиот дел од работата и јас очекувам од денес, па и од Европскиот совет подоцна неделава да изрази силна и јасна посветеност на Западниот Балкан, во однос на кредибилна европска интеграциска перспектива - истакна Могерини
Притоа, исто како и на последниот состанок на Советот, се очекува министрите за надворешни работи на Унгарија и Грција, Петер Сијарто и Никос Коѕијас, повторно да го покренат прашањето за осуда на албанската платформа во Македонија и мешањето на соседна држава (Албанија) во внатрешни работи на Македонија од страна на Советот на Унијата. Тоа во изјава за МИА денеска го потврди и самиот шеф на унгарската дипломатија:
 
- Ние досега бевме многу гласни за тоа, исто така и отворени, а и ќе продолжиме да бидеме такви. Денеска, на состанокот на Советот за надворешни работи, каде на агендата ги имаме и Западните Балкани, јас ќе бидам многу силен за ова. Причината е што е едноставно неприфатливо она што се случува. Нашиот став е многу цврст без оглед на тоа дали ќе останеме сами или ќе бидеме тројца, четворица или петмина против т.н. албанска платформа - изјави Сијарто за МИА.