Loading Video...
Ракомет
11. December 2017 - 14:06

Фаворитската улога товар за ракометарите на Металург

Иако пред само два дена го играа македонското дерби, ракометарите на Металург и Вардар веќе утре и задутре ќе играат нови средби во регионалната СЕХА лига 
 
Екипата на Металург утре ја очекува дуел против Динамо Панчево, тим кој е зад македонскиот вицепрвак на осмото место на табелата со два бода помалку. 
 
Динамо е еден од трите тима кој Металург успеа да ги победи во единаесетте натпревари одиграни досега во СЕХА конкуренцијата, па затоа тимот од Автокоманда овојпат ќе ја има улогата на фаворит, за која тренерот Александар Јовиќ смета дека е дополнителен товар за неговите избраници.
 
„Не очекува тежок натпревар со Динамо. Кога и да сме фаворити играме многу тешко, кога играме со поквалитетни екипи играме подобро. Утрешниот натпревар можеме да го добиеме само со дисциплинирана одбрана и брза транзиција во напад. Да постигаме лесни голови во контра и во нападот да имаме дисциплина и да се знае од прва до последна минута што играме. Се надевам дека ќе забележиме победа и дека крајот на 2017 година ќе ја прославиме со победа заедно со нашата публика“, изјави Јовиќ.
 
Средбата во СЦ „Борис Трајковски“ ќе се игра во терминот од 16:15 часот.
 
Ден подоцна (среда) шампионот Вардар гостува во Словенија, кај Горење Велење, во меч во кој црвено-црните важат за апсолутни фаворити, односно ќе се обидат да го задржат максималниот ефект во оваа конкуренција.