Бизнис
27. January 2016 - 17:16

Европските фондови, проекти и програми претставени пред кумановските бизнисмени

Претставници на бизнис заедницата, сопственици на малите и средните претпријатија од Куманово и соседните општини, денеска се  информираа за условите, начините и можностите за користење на европските фондови, проекти и програми на информативниот настан „Програми на ЕУ во поддршка на приватниот сектор“.

Настанот е во организација на Бизнис Центарот кој функционира во рамки на Центарот за развој на северисточниот плански регион.

Раководителот на Фондацијата за развој на мали и средни претпријатија Димитар Ташевски, рече дека целта е да се поттикнат малите и средните претпријатија од регионот повеќе да ги користат во иднина овие европски фондови, бидејќи со нивна помош ќе можат да имаат поголем раст на нивните компании, конкурентност на пазарот, иновативност и на некој начин ќе можат да креираат и поголем број на работни места.

На денешниот настан претставници од повеќе финансиски институции, но и преставници од државни институции ги презентираа европските програми и ги едуцираа кумановските бизнисмени како можат да ги користат програмите, како преку иновација да станат поконурентни на пазарот и како заеднички да пристапат кон странските пазари.

Националниот координатор за европската рамковна програма за истражување и иновации Хоризон 2020 од Министерство за образование и наука Виолета Атанасовска, објасни дека оваа програма е можеби најпрестижната и се однесува на  истражувањата и иновациите со буџет од околу 80 милијарди евра и временска рамка од 2014 до 2020 година.

- Оваа програма ги поддржува истражувањата и иновациите апсолутно во секој сегмент од општественото живеење и во неа може да се најде секој што е заинтересиран меѓутоа фокусот овој пат е на малите и средни претпријатија и за нив се нудат извонредни можности и треба само да се пројави интерес и да се учествува, изјави Атанасовска.

Таа нагалси дека учеството не е едноставно и оти се работи за комплексна програма, мошне  компетитивна во која учествуваат најголемите компании од светски рамки.

- Сепак за секого има место и еве ќе ги поттикнеме се надевам со овој настан нашите мали и средни претпријатија да пројават поголем интерес и да почнат да учествуваат во истата, затоа што можностите кои ги нудат се навистина извонредни како за развивање на сопствениот бизнис, за наоѓање на нови партнери, пазари, развивање на своите иновативни идеи, се работи за претпријатија кои што мора да покажат иновативност и желба за растење, напредок, за да може да учествуваат во програмата, нагласи Атанасовска.

Ова е трет информативен настан кој го организира Бизнис Центарот во рамките на проектот „Проширување на функциите на центрите за развој на планските региони, преку поддршка на малите и средни претпријатија“, кој е дел од проектот на Министерството за локална самоуправа кој се спроведува со поддршка на УНДП.