Македонија
10. November 2015 - 13:26

Eвропратениците побараа итно да се отворат пристапните преговори со Македонија

Европратениците од Комитетот за надворешни работи на Европскиот парламент ја поздравија седмата последователна препорака на Европската комисија за отворање на преговорите за членство на Македонија во Европската унија и побараа итно отворање на истите, а не да се чекаат изборите во април.

Ова, како што јавува дописникот на МИА од Брисел е генералната порака од европратениците во дебатата со комесарот за преговори за проширување Јоханес Хан, при неговото претставување на извештаите за напредокот на земјите од процесот на проширување за 2015 година, а пред АФЕТ-групата на Европарламентот.

- Сериозни закани за стабилноста и се заканија на Македонија, која треба да ги спроведе политичките реформи. Сепак, земјата заслужува отворање на преговорите за члеснтво во ЕУ, што е нешто што се препорача шестпати досега, но досега не се отворени и тоа ја загрозува стабилноста меѓу заедниците во таа земја, порача Чарлс Тенок од Партијата на европските конзервативци и реформисти.

Известувачот за Македонија до Европарламентот, Иво Вајгл, истакна дека проширувањето на ЕУ не е популарно прашање, но дека бегалската криза покажала дека на земјите долж балканската рута мора да им се изразиме почитување. Според него, многу е лесно да се критикува и поедноставно е отколку тие земји да се разберат бидејќи се во лоша економска состојба, со тоа и уште еден аспект, а тоа е геостратешката положба во европското соседство.

- Во однос на Македонија, важно е Македонија да ги превземе сите обврски што произлегуваат од договорот од Пржино и важно е ЕК да ги одреди задачите. Комесарот Хан даде условна согласност на земјата за почеток на преговорите за членство на земјата во ЕУ, рече Вајгл.

Словенечкиот европратеник Алојз Петерле, пак, порача дека му е драго што дојде до нормализација на состојбата во Македонија, со помош на ЕК и на европратениците и дека тој би сакал „и понатаму да се засилува внатрешно-политичката кохезија и да и се помогне на Македонија побрзо да и се приклучи на ЕУ”.

- Не треба да ги чекаме следните избори и по истите да поттикнеме некои работи, сега мораме да работиме на напредокот на Македонија - истакна Петерле.

Кристијан Дан Преда од Европската народна партија (ЕПП) рече дека политичката криза во Турција и Македонија покажала дека има потреба од посилно присуство на Европската унија во овие земји.

Ричард Ховит од Европските социјалисти и демократи, порача дека ЕУ треба да им понуди свежи пари на земјите од Балканот за справување со бегалската криза, а не само да прераспределува стари пари.

Комесарот Хан, пак, претставувањето на извештаите во Европарламентот го започна со тоа дека за тоа дека нема да има одложување на проширувањето и дека европерспективата никогаш не била поважна, напомена дека интензивни предпристапни активности за интензивна соработка со партнерите во последните месеци се водат и дека Еврокомисијата им помага на земјите од процесот на проширување во справувањето со бегалската криза. Според Хан, проширувањето довело до различни конкретни реузлтати, вклучително и за демократски реформи.

Хан посочи дека пакетот за проширување содржи низа елементи за идните четири години од неговиот мандат, при што се осигурани појасни смерници на земјите за тоа каде да се насочат во годините пред нас.

- Јасно се наведени обврски што мора да ги исполнат за да задоволат услови за членство. Секоја земја може да види каква е нивната состојба во некои подрачја, се зголемува транспарнентоста, што полесно за граѓаните. Овој нов пристап го применуваме во бројни подрачја за клучни реформи, со силен фокус на темелни работи за тие да се остварат прво во овој процес. Владеењето на правото, реформите, правосудството, борбата со организираниот криминал и корупцијата, слободата на изразување и борбата против дискриминацијата (ЛГБТИ), функционирање на демократските институции и реформа на јавната управа, стопански развој и засилување на конкурентноста... Сето ова е темелен столб покрај сите овие темелни елементи за економски развој и владеење на правото, порача Хан.

Претставувајќи ја Стратегијата за проширување за 2015 година, Хан за Македонија потврди дека има нова препорака со очекуваниот услов.

- За напредокот постигнат досега, спроведување на договорот од јули е важен и Европската комисија предлага отворање на преговори со Македонија под услов да се спроведе јулскиот договор и итно да се почне со реформските мерки препорачани од ЕК. Понатака со ова прашање ќе се бавиме по парламентарните избори на пролет идната година, соопшти Хан пред европратениците.

Според еврокомесарот, Македонија има високо ниво на ускладеност со европското законодавство, но се покажало дека политичкиот состав е загрозен поради политичкото мешање и корупцијата.

- Во јули се постигна политички договор, каде посредуваа европратениците Иво Вајгл и Едвард Кукан и тоа најдобар начин донесе решение на политичката криза. Политичките лидери во земјата мора да се свесни кои се приоритетите за итни за реформи. Потребно е да се доврши и реформа на Охридскиот договор, а дополнителни мерки за доверба се потребни меѓу етничките заедници, додаде Хан.

Во однос на другите земји од проширувањето, еврокомесарот за преговори за проширување рече дека Црна Гора напредува во преговорите за членство во ЕУ, дека се очекува Србија да отвори прво преговарачко поглавје до крајот на годината, Албанија дека треба да постигне резултати во борбата против организираниот криминал и корупцијата, а Косово да се фокусира на реформи и дијалогот со Србија.

На крајот, комесарот Хан заклучи дека задача на Еврокомисијата со овие извештаи е да ја покрене економијата во земјите-кандидати и потенцијални кандидати за членство во ЕУ, што според него ќе влијае и на основните вредности.

- Правна држава, независнсот на правосудството, слобода на медиумите, за инвеститорите се клучни прашања. Никој не сака да ризикува да вложи пари ако нема законодавство што не одговара на европските и на меѓународните стандарди. Тоа се подрачја кои влијаат на тие земји. Социјалните и граѓанските структури во овие земји треба да се засилат и тука сакаме во следните години да вложиме поголеми пари за оснажнување на тие структури, порача Хан, кој наскоро на прес-конференција ќе ги претстави извештаите пред новинарите во Брисел.