Македонија
6. April 2017 - 16:50

Европратениците и НАТО загрижени за состојбата во Македонија

Европарламентот и генералниот секретар на НАТО Јенс Столтенберг изразија загриженост за ситуацијата во Македонија и упатија пораки до Претседателот Иванов и до лидерите на партиите за потребата од итно формирање влада, која ќе продолжи се реализирање на итните реформи.

Столтенберг, во писмо до претседателот Иванов истакнува дека политичките лидери во Македонија треба да се фокусираат на имплементирање на договорот од Пржино како рамка за одржливо решение на политичката криза.

„Изборите од 11 декември бea есенцијален и широко почитуван чекор кон решавање на кризата. НАТО нема интерес да се инволвира во внатрешниот политички процес во вашата земја и ние не заземаме страна. Но, ние имаме интерес да ги поддржуваме, заедно со нашите партнери и земји аспиранти, политичките вредности и принципи на кои почива Алијансата. Сега е одговорност на сите политички лидери во Скопје да го почитуваат исходот од демократскиот процес и во краток рок да придонесат кон формирање на функционална и ефективна влада која ќе биде фокусирана на итните реформи и која ќе работи за доброто на сите граѓани“, пишува Столтенберг

Европарламентарците, пак доцна синоќа го разгледаа извештајот за напредокот на Македонија во 2016 година, подготвен од известувачот Иво Вајгл.

Во речиси сите дискусии на европратениците, ситуацијата во Македонија беше оценета како ,,многу сериозна’’, а политичката криза како „се подлабока“, и дека тоа ја загрозува европската перспектива на земјата. Пратениците апелираа да се деблокираат процесите за конститурирање на Собранието и за формирање влада. 

Од друга страна европратеничката од Хрватска, Маријана Петир директно ги обвини САД и Албанија за мешање во внатрешните работи на Македонија, а ЕУ виновна за политичката криза.

За резолуцијата за Македонија, која ја доби поддршката од институциите на ЕУ е предвидено е да се гласа на првата сесија на Европскиот парламент во мај.