Свет
10. May 2017 - 12:54

Европратеничката Марија Габриел понудена на Јункер за нов бугарски еврокомесар

Претседателот на Европската комисија, Жан-Клод Јункер утринава од бугарскиот премиер Бојко Борисов го доби предлогот за номинирање на европратеничката Марија Габриел како кандидат за замена на поранешниот член на Еврокомисијата, Кристалина Георгиева.

Како што јавува дописникот на МИА од Брисел, предлогот за именување на Габриел доаѓа по телефонскиот разговор меѓу Јункер и Борисов во петокот на 5. мај, во кој двајцата се согласија дека кандидатот за комесар од страна на Бугарија дека треба да биде номиниран брзо.

Следниот чекор, сега е Жан-Клод Јункер да и направи интервју на Марија Габриел, која е европратеник од партијата ГЕРБ на Борисов и дел од Европската народна партија (ЕПП). Како што информираат од неформалната Влада на Европската унија, целта на интервјуто ќе биде да се утврди способноста на кандидатот да служи како европски комесар, особено во однос на член 17 (3) од Договорот за Европската унија (ДЕУ), кој гласи: "Членовите на Комисијата ќе биде избрани врз основа на нивната општа надлежност и европската заложба од лица чија независност е несомнена".

Врз основа на интервјуто, претседателот на ЕК, Жан-Клод Јункер, исто така ќе одлучи за распределбата на портфолио за идниот комесар од бугарска националност, во согласност со член 17 (6) од Договорот за Европската унија, кој го задолжува него да ја организира работата на Комисијата. Процедурално, назначувањето на новиот комесар од бугарска народност бара заеднички договор меѓу претседателот на Комисијата и Европскиот совет, а по консултациите со Европскиот парламент (член 246, став 2 од Договорот за функционирање на Европската унија). Покрај тоа, Меѓуинституционалниот рамковен договор за односи меѓу Европскиот парламент и Европската комисија бара од претседателот на Комисијата „сериозно да ги разгледа“ резултатите од консултациите со Европарламентот, кој ќе има размена на мислења со кандидатот, а пред давање на негова согласност на Советот за да го назначи новиот комесар (став 6 на Рамковниот договор).

По одлуката на поранешниот заменик-претседател на Еврокомисијата, Кристалина Георгиева, да поднесе оставка од Европската комисија, комесарот од Германија, Гинтер Ојтингер на 1 јануари 2017 година стана комесар за буџет и човечки ресурси, додека претседателот Јункер привремено го додели портфолиото за дигитална економија и општество на заменикот-претседател на ЕК, Андрус Ансип. Едно од овие портфолија се очекува да го добие Бугарката Марија Габриел, откако ќе ја добие комесарската позиција.