Свет
26. July 2017 - 10:37

Европол: Изнудите преку интернет за една година зголемени за 11,4 отсто

Бројот на жртвите на вирусите и софтверите за изнуди на интернет за една година е зголемен за 11,4 отсто, соопшти Европол.

- Интернет изнудите бележат тенденција на покачување од 2012 година. Криминалците ги привлекуваат можностите за добра заработка и лесно доаѓање до неа, се вели во соопштението на Европоп, по повод 12 месеци од отворањето на интернет страницата „No More Ransom" (Крај за откупите).

Вкупниот број на жртви на интернет изнуди во периодот април 2016 до март 2017 година достигнал 2,58 милиони лица. Во претходните 12 месеци, бројот на жртвите бил 2,31 милиони, што претставува зголемување од 11,4 проценти, покажуваат податоците на компанијата за компјутерска безбедност „Лабораторија Касперски".

Во јули 2016 година Европол, холандската полиција, „Касперски" и „Интел секјурити" лансираа нов сајт за борба против интернет изнудите. Тој е достапен на 26 јазици и досега го посетиле 1,3 милиони луѓе.

Благодарение на достапните 54 инструменти, страницата помогна при дешифрирање на над 28.000 уреди и им заштеди на корисниците околу осум милиони евра, наведува Европол.