Балкан
14. јуни 2017 - 13:16

Европарламентот бара Косово да ги спроведе договрите со Белград

Пратениците во Европскиот парламент во текот на денешната расправа за годишниот извештај за Косово, ја повикаа Приштина на брзо формирање на нова влада и спроведувањето на договореното со Белград, јави дописникот на МИА од Стразбур.

Европарламентот од новите косовски власти очекува да ги исполни своите обврски како услов за добивање на безвизниот режим, кои опфаќаат ратификување на договорот за демаркација на границата со Црна Гора, постигнување видливи резултати во борбата против организираниот криминал и корупцијата и формирање на Заедницата на српски општини.

Известувачот на Европарламентот за Косово, Улрике Луначек, во текот на дебата констатира дека во изминатата година во Косово е остварен одреден напредок во односите со ЕУ, но дека, сепак, работите не напредувале колку што сакале и граѓаните и Eвропскиот Парламент.

Луначек изрази жалење што пет земји-членки на ЕУ се уште не ја признаа независноста на Косово, истакнувајќи дека тоа му штети на напредокот и не им дава доверба на косовските граѓани дека се дел од Европа и дека таа ги сака.

- Понекогаш се прашувам, кога овие пет земји ја критикуваат корупцијата и организираниот криминал во Косово, кои, се разбира, постојат и во другите региони и во делови од ЕУ, зошто не дозволуваат Косово да стане дел од Европол и Интерпол, бидејќи тоа многу би помогнало во борбата против криминалот, рече Луначек.

Што се однесува до процесот на нормализирање на односите меѓу Приштина и Белград, таа најави дека е постигнат напредок и дека многу е договорено, но дека спроведувањето на договореното се уште изостанува од двете страни.

- Србија испраќа пораки кои не се од помош, испратија националистички воз во Косово со натпис „Косово е Србија“. Тоа не е така, тоа и српските власти и граѓани го знаат. Тоа не помага за добрососедските односи, рече Луначек.

Осврнувајќи се на предвремените парламентрани избори, Луначек рече дека имало случаи на заплашување на Србите кои не сакале да гласаат за партијата Српска листа и истакнува дека е важно лидерите на српската заедница во Косово да сфатат дека се полноправни членови на косовската заедница и дека не треба секогаш да се обраќаат кон Белград.

Заблагодарувајќи им се на присутните на позитивните коментари на извештајот што го поднесе, Луначек забележа дека во текот на расправата претставниците на екстремната левица и на екстремната десница биле критични кон Косово и дека излегле од салата.

Европскиот комесар за проширување и соседска политика, Јоханес Хан, го поздрави мирниот тек на изборите како „знак на демократска зрелост“ на Косово.

Изразувајќи очекувања дека новата влада ќе биде формирана брзо и без застој, Хан истакна дека мора да продолжи дијалогот со Белград и како приоритетните задачи го посочи изполнување на условите за добивање на безвизен режим, воспоставување на владеење на правото, обезбедување економски развој, унапредување на образованието и спроведување на реформиѕе.

Известувачот на Европарламентот за Србија, Дејвид Мекалистер, исто така, повика на брзо формирање на владата во Косово, а меѓу приоритетите тој ги посочи унапредувањето на дијалогот меѓу Белград и Приштина, имплементирање на досега постигнатите договори, како и вклучување на српската заедница од северно Косово.

Словачкиот европратеник Едуард Кукан изрази надеж дека новата косовска влада ќе има позитивна улога во помирувањето, што, како што рече, подразбира и формирање на Заедницата на српски општини.

- За да ги цениме сите нивни соседи, но и нивните сопствени жители. За тоа е потребна јасна политичка волја, и јас надевам дека новата влада ќе има таква политичка капитал, заклучи Кукан.

Словенечката европратеничка Тања Фајон укажа на важноста на дијалогот меѓу Белград и Приштина, а истовремено го поддржа Косово на патот кон ЕУ, истакнувајќи ја важноста на борбата против криминалот и одговорноста на властите во оваа насока.

Гласањето по резолуцијата за Косово е закажано за попладнево, заедно со извештаите за Македонија и за Србија.